Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски на покана на Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски одржаа средба со вработените во Клиничка Болница Битола и Здравствен дом Битола, членови на Самостојниот синдикат за здравство.
Претседателот на ССМ Трендафилов ги презентираше активностите на ССМ во минатиот период, зборуваше за протестите организирани од страна на синдикатите за зголемување и исплата на платите, за протестот организиран од страна на ССМ и Самостојниот синдикат за здравство поради незадоволството од непотпишувањето на Анексот на Колективниот договор, за придобивките од Општиот колективен договор за јавен сектор, како и за организација на големиот работнички протест кој ССМ го организира на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
„Сега е токму моментот кога работникот не треба да биде само гласен, туку треба да биде најгласен! Затоа што сите овие политичари кои излегуваат и ветуваат на работниците треба да слушнат што им е потреба на работниците, а не што ќе им го ветат тие на работниците. Работниците потоа имаат можност да ги држат за збор и уште во првите 100 дена да очекуваат испорачување на резултати од нивната страна. “ рече Трендафилов.
Претседателот Каранфиловски пред вработените во Клиничка Болница Битола и Здравствен дом Битола ги презентираше активностите на Самостојниот синдикат за здравство во процесот на подготовка на Анексот на Колективниот договор со кој платите на вработените во здравство требаше да се усогласат со порастот на минималната плата и дополнително да се зголемат, а чие непотпишување предизвика незадоволство во здравството.
Здравството е еден од столбовите на државата, гломазен ама осетлив и многу значаен систем, а платата за вложениот труд е еден дел што мотивира, вели Каранфиловски.
„По нашиот протест кој го организиравме на 8 април, сите го поздравуваат нашето барање, очекуваат дека потпишувањето веднаш по завршувањето на изборите и формирањето на Владата ќе се случи но факт е дека во овој момент имаме еден вакум простор.“ вели Љубиша Каранфиловски.
Покачувањето на платите со Анексот се однесува за сите вработени во здравството, а најголемото покачување е предвидено да имаат медицинските сестри. “ – објасна денеска на собирот д-р Каранфиловски
Во вториот дел, вработените во Клиничка Болница Битола и Здравствен дом Битола имаа можност да добијат одговори на сите прашања поврзани со нивните права од работен однос, Колективниот договор за здравствената дејност и Општиот колективен договор за јавен сектор.
Претседателот на ССМ, Трендафилов ги повика вработените во здравството и членовите на Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита да излезат на работничкиот протест на 1 Мај.