ПОВЕЌЕ

    Вработените во УЈП ќе протестираат секојдневно – „Затворено“ од 10 до 12 часот

    Време зa читање: 2 минути

    Секој работен ден во периодот од 10 до 12 часот, вработените во Управата за јавни приходи нема да ги извршуваат работните обврски. Како тоа изгледа покажаа денес. На овој начин го изразуваат незадоволството поради ниските плати и одбивањето на министерот за финансии да дозволи зголемување за 30 проценти.

    Вработените од Управата протестираа во вторникот, кога и побараа средба со ресорниот министер, но во замена добија соопштение во кое беше посочено дека нивниот и проблемот на сите вработени во јавната администрација ќе се надмине тогаш кога ќе се донесе системско решение за платите преку законски акт и нов општ колективен договор. На таа тема се дискутира во Економско социјалниот совет, па се дотогаш, како што беше посочено, поединечните пристапи не се во функција, бидејќи ќе го нарушат процесот.

    Тоа, пак, е неприфатливо за работно ангажираните во УЈП, затоа што и самите се дел од институција која е во рамките на Министерството за финансии, а на тамошните вработени министерот им ја зголеми платата. Токму за 30 проценти. Оттаму и можноста во догледно време да стапат во генерален штрајк, доколку не се постигне договор со кој ќе се излезе во пресрет на нивните барања.

    Исто така, за утре е најавен и предупредувачки протест од страна на вработените во Царинската Управа, од 12 до 12.30 часот. И тие бараат зголемување на платите, но и додатокот од 30 проценти, кој законски им следува, но  никогаш не им бил исплатен.

    Инаку, и за време на првомајскиот протест од Синдикатите беше најавено дека вработените допрва ќе го манифестираат своето незадоволство од ниските плати и непочитувањето на нивние права.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично