Почетокот на воениот конфликт во Украина предизвика сериозно нарушување на значаен дел од економските односи помеѓу Русија и остатокот од светот. Ова, барем на краток рок, ќе предизвика значајно влијание врз светката економија. Особено погоден е Европскиот регион, со оглед на високата трговска размена помеѓу Европската Унија и Русија. Ова секако ќе влијае на деловното работење на компаниите, а во некои индустрии може да доведе и до намалување на финансиските резултати (поради намалените приходи и зголемените трошоци) во период додека трае конфликтот или додека економиите не се прилагодат на новото опкружување.
Зголемена волатилност на пазарите на капитал и останатите финансиските пазари
Зголемувањето на тензијата и особено почетокот на инвазијата, нагло го зголеми степенот на неизвесност, односно ризикот, што доведе до нагли движења на финансиските пазари. Значителен раст имаа цените на енергенсите и металите кои учествуваат со над 50% од вкупниот извоз на Русија, кој пред пандемијата изнесуваше над 400 милијарди долари годишно. Од друга страна, зголемениот ризик доведе до нагло намалување на вредноста на акциските индекси, при што најголем пад имаa европските акции.
Движењата на пазарите на капитал се сензитивни на новите информации и на тоа колку истите се претходно очекувани и апсорбирани во цените на акциите. Со оглед дека секој поголем воен конфликт е карактеризиран со неизвесност, очекувано е да има нагли движења на пазарите на капитал (негативни или позитивни), што е случај и со овој конфликт.
Што нè учи историјата?
За да донесеме правилни одлуки за иднината, добро е да погледнеме во минатото.
Во табелата подолу, дадена е анализа на ефектите на поголемите геополитички настани и конфликти од почетокот на Втората Светска војна врз америчкиот индекс S&P500. Дококу ги погледнеме перформансите на акцискиот индекс во овие периоди, може да се заклучи дека најголемиот пад на берзите од моментот на настанот изнесувал 20% (Втората Светка војна), додека во просек, падот на индексите изнесувал околу 5%.
Од истата анализа може да се увиди дека траењето на падовите на берзата, поттикнати од вакви настани, обично траеле еден или два месеци, по што следува период на нормализирање на пазарите, кој во просек е исто така краток.
Како да се реагира?
Начинот на реакција зависи од типот, карактеристиките и целите на инвеститорот.
Академските теории и трудови, како и искуствата од историјата на финансиските пазари, ни укажуваат дека дисциплината и диверзификацијата се едни од клучните во процесот на инвестирање на средствата, а ефектот од краткорочните флуктуации се анулира на долг рок. Со оглед на ова, инвеститорите кои имаат долгорочен инвестициски хоризонт треба да се воздржат од панични реакции.
Автор на текстот е Румен Крепиев
Специјалист во Секторот за управување со средства во КБ Прво пензиско друштво, одговорен за подготовка на инвестициски стратегии и тактики на фондовите со кои управува Друштвото, развој на аналитички модели за различни категории на инвестиции, како и пост-евалуација на инвестициите и мерење на перформансите на портфолиата.
Во своето професионално портфолио, Крепиев бележи повеќе ангажмани поврзани со финансиското работење на големи компании, кои вклучуваат контрола и ревизија на инвестициите. Поседува Диплома за Магистер по економски науки и CFA Сертификат. Широки познавања од областа на проект и портфолио менаџментот, како и креирање на финансиски и инвестициони модели.