ПОВЕЌЕ

    ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ „СЕ РОДИЈА“ 3.428 ФИРМИ. Дали се намалува инвестициската активност?

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Во кои дејности и градови има најмногу нови фирми во првите 6 месеци?

    Во првото полугодие од годинава на деловната сцена стапнаа 3.428 компании. Нивните имиња се запишани во Централниот регистар и освен една голема и три мали, сите останати се микрофирми. Притоа, новите инвеститори најмногу биле охрабрени во јануари, кога се основале 707 компании. За разлика од првиот квартал од годината, во наредните три месеци се намалува интересот за отворање фирми, покажува анализата на порталот Пари врз основа на податоци од БизнисМрежа.мк.

    За да процениме дали ова се многу или малку новоотворени компании, ќе се послужиме со податоци за вкупен број на новоотворени фирми во изминативе години. Според нив, во 2023 година се отвориле 8.515 фирми, во 2022 година се отвориле 8.670, а во 2021 – 8.662 фирми. Заклучокот е очигледен: ако со вакво темпо продолжат да се отвораат нови фирми, тешко дека ќе се достигнат бројките од минатите години. Секако, можни се и големи осцилации во следниве месеци, како што и се случувало, па можно е некакво изненадување.

    Сепак, повеќе фактори одат во прилог на намалување на инвестициската активност на малите претприемачи: се зголемија каматните стапки за кредитите, политички изборите сами по себе ја спласнуваат желбата за инвестирање, сѐ погласно се зборува за корупција, што е негативен фактор за вложувања, и сѐ повеќе луѓе ја бараат својата иднина во изградбата на туѓи економии.

    РЕЧИСИ СЕКОЈА ПЕТТА НОВА ФИРМА Е ВО ТРГОВИЈАТА

    Во однос на дејностите, традиционално најмногу новоотворени фирми има во трговијата – речиси секоја петта фирма е во овој сектор. Поточно, учеството на новите фирми од дејноста трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли е 21,6 насто. Потоа се фирмите од секторот стручни, научни и технички дејности со учество од 11 насто во вкупниот број на новоотворени фирми. Учеството на други услужни дејности е 10,6 насто, на хотелиерите и угостителските објекти е 10,2 насто, и на крајот е градежништвото, каде што процентуалното учество во вкупниот број на новоосновани компании е 8,7 насто.

    ТОП 5 дејности со новоотворени фирми во прво полугодие од 2024 година

     

    НАЈМНОГУ НОВИ ФИРМИ ВО СКОПЈЕ, БИТОЛА, ТЕТОВО…

    Ако се гледа каде се отвораат фирмите, очекувано, речиси половина се во Скопје. Во главниот град се отворени 47,5 насто од сите новоотворени фирми низ Македонија. На второ место е Битола, каде што се отворени 5,1 насто, па Тетово и Охрид со сличен процент како битолскиот, и на крајот е Куманово со учество од 3,3 насто.

    ТОП 5 градови со нови фирми во првото полугодие од 2024 година

    ВО 6 ОПШТИНИ САМО ПО ЕДНА НОВА ФИРМА

    Со бројка којашто се движи околу сто се Прилеп (101 нова фирма), Струмица (108), Струга (96), Штип (89), и Гостивар (89). Од поголемите двоцифрени броеви може да спомене и бројот 63, кој го означи бројот на нови фирми во Кавадарци, и 55 за новите фирми во Кичево.

    Но, има и општини каде што за 6 месеци се отворила само една нова фирма. Тие се следниве 6 општини: Дебарца, Конче, Кратово, Могила, Старо Нагоричане, Центар Жупа.

    НАД 1.800 ФИРМИ СТАВИЛЕ КАТАНЕЦ НА ВРАТА во првото полугодие

     

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично