Понесени од чистиот воздух и првата утринска светлина, посетителите доаѓаат да почувствуваат традиција, квалитетно вино, добра храна и природна убавина ‒ oва е Општина Петровец. Тоа е краткиот опис со кој се отвора општинската официјална веб-страница.
Петровец, освен посочените особености, има и изразена деловна карактеристика. Оваа oпштина е дом на компании од различни сектори – трговија со нафтени деривати, прехранбена индустрија, транспорт, увоз-извоз… Концентрацијата на бизнисите е во Ќојлија, каде што е лoцирана мултифункционалната индустриска зона. Таму се наоѓаат 11 од најдобрите компании опфатени во анализата на Пари, подготвена во соработка со Бизнис Мрежа.
Да видиме што кажуваат бројките и кои се најдобрите бизниси од аспект на постигнатите резултати од минатогодишното работење по приход, добивка и вработеност.
БРОЈКА ЗА НЕВЕРУВАЊЕ – РАСТ ОД 23.558,51 НАСТО!!!
Листата на десетте најприходни компании почнува со Омпетрол Оил и со износот од 29,6 милиони евра коишто доаѓаат од трговијата на големо co цврсти, течни и гасовити горива и слични производи. Компанијата, која со приливите и во 2023 година била далеку пред другите во Петровец, е дел од Бест Веј Инвестмент на семејството Мијалкови.
Подравка ДООЕЛ од Ќојлија, која е во рамките на познатиот хрватски бренд, е второрангирана со приход од 18,2 милиони евра. Тоа е и компанијата со најмал раст, кој не досегнува до ниту еден насто.
Кога критериум за рангирањето би бил процентуалниот раст, Софт Слип би била на прво место па многу празни места пред следната. За една година приходот се кренал за 23.558,51 насто! Грешка, нема. Станува збор за компанија за производство на мебел. Таму во 2023 година направиле промет од 61,6 илјади евра, а во 2024 година го искачиле на 14,6 милиони евра и го обезбедиле третото место.
Студеничани ‒ дом на фарми, фирми за пластика, градежништво…
Солидно зголемување на приходната страна, од 73,15 насто, забележале во компанијата НЈСК Холдинг што одгледува канабис за медицински цели ‒ од 6,6 милиони на 11,5 милиони евра. Во тој ред е и трговецот на големо со кафе, чај, какао и зачини, Леаком-Марисон, со раст од 71,48 насто и обрт од 5,5 милиони евра.
Меѓу компаниите со највисоки приходи, четири запишале намалување: Жито Алтан (‒ 9,30 %), Умер Трејд (‒ 10,47 %), Арадико Коп (‒ 19,97 %) и Волво Македонија Втц (‒ 44,06 %).
Овие десет компании лани оствариле вкупен приход од 98,7 милиони евра. Со тоа го надминале прекланскиот заеднички резултат (84,9 милиони) за 16,26 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
И КАЈ ПРОФИТОТ СТРЧАТ ПРОЦЕНТИ
Не мора да е најприходен за да е најпрофитен. На оваа листа има и претходно неспоменати компании, а сите тие заедно имаат добивка од 5,7 милиони евра. Нивниот успех е за 96,55 насто поголем од 2023 година (2,9 милиони евра). Само една компанија имала пад во овој сегмент, Умер Трејд со 33,23 насто.
Иако според апсолутниот износ на добивката од 237,8 илјади евра е во вториот дел од топ 10 листата, на осмото место, Софт Слип повторно стрчи со процентите. Профитот е зголемен за 2.267,62 насто.
Најпрофитабилната компанија во Петровец за 2024 година е Леаком-Марисон со износот од 1,3 милиони евра. Воедно, бележи и голема годишна промена од 238,55 насто. Компанијата е производител на какао, откако зад себе има долга традиција со трговија со какао во зрно од Западна Африка.
Транспортната компанија Шкота-Транс лани заработила еден милион евра.
Профитот на компаниите што следат е под прагот на еден милион евра и се движат од најниските 233,6 илјади на Про-Дизајн до 839,1 илјада евра, кои останале на сметката на ЕХИ ДОО експорт-извоз. Оваа фирма од доменот на нискоградбата има исто така импресивен раст на добивката од 737,43 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
ИМА РАБОТА, ИМА ВРАБОТУВАЊА
Нови имиња се среќаваат и кај десетте најголеми работодавачи во Петровец, кои ангажираат 663 лица. Бројната состојба е за повеќе од 32 насто подобра од прекланската.
Исто како и во 2023 година, така и минатата година најмногу вработени (158) имало во НЈСК Холдинг. Кон тимот лани се приклучиле 34 нови колеги.
По сите параметри, па и според вработувањата, работата добро тргнала во Софт Слип. Обемот на активностите ја наметнал потребата од кадар, кој од 4 во 2023 година, лани броел 88 лица. Во проценти, тоа е раст за 2.100 насто.
Други компании со значително присуство на пазарот на труд се домот за стари лица Хантерс Лајф од Катланово (70), Катлановска бања (65) и Шкота-Транс (55).
Извор: Бизнис Мрежа
Низ Општината Петровец, која опфаќа 17 населени места, минуваат магистралниот државен автопат А1 и регионалниот пат Скопје – Катланово, а тука е и скопскиот аеродром. Има многу елементи како предуслов за економски развој.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
ВО МАРКЕТИТЕ ОД АРАЧИНОВО Е НАПРАВЕН ПРОМЕТ ОД 13,5 МИЛИОНИ ЕВРА, кои се другите ѕвезди?