ПОВЕЌЕ

    ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕМА ШТО НЕМА: енергетски компании, нафтени компании, Телеком…

    Време зa читање: 5 минути

    Општина Центар е срцето на Скопје, но и епицентар на корпоративната моќ во државата. Од главни енергетски оператори и телекомуникациски гиганти, до големи градежни и трговски компании, токму тука се регистрирани фирмите што ја движат економијата на Македонија. Центар одамна не е само симбол на урбана префинетост и административен статус, туку и една од најмоќните економски зони по вкупен финансиски ефект.

    Според податоците на Бизнис Мрежа коишто ги анализира порталот Пари, топ 10 компаниите со седиште во Центар во 2024 година оствариле вкупен приход од над 2,48 милијарди евра, што претставува благ пад од 5,70 насто во однос на 2023 година, кога биле остварени 2,63 милијарди евра. Сепак, вкупната добивка се движи околу 194 милиони евра, што е зголемување за 42,3 насто во споредба со 2023 година, кога добивката била 136,3 милиони евра. Од друга страна, бројот на вработени во овие 10 компании е значително висок ‒ 15.849 лица, што ја позиционира општината како една од клучните генератори на вработување.

    Десет компании имаат 2,48 милијарди евра приход

    Листата на приход ја предводи скопскиот нафтен гигант Макпетрол со промет од 505,4 милиони евра, што е раст од 2,24 насто. Компанијата е водечкиот снабдувач со горива и е најголема нафтена компанија во земјава.

    Меѓу најдобрите според приход е и ЕВН Хоме, компанијата што снабдува со електрична енергија за домаќинствата, со стагнација од 0,28 насто, но со рекордни 412,2 милиони евра, и е рангирана на второто место.

    Трета на листата е ЕСМ – Електрани на Северна Македонија, чија дејност е снабдување со топлинска енергија на потрошувачите. Има пад од преку 21 насто, што ја спушта на 393 милиони евра приход.

    Меѓу десетте компании со околу 200 милиони евра приход се и Електродистрибуција, Јавно претпријатие на државните патишта и Македонски телеком.

    Најголем раст во 2024 година покажа Електродистрибуција, со 13,41 насто, додека најголем пад има Терна Енерџи Трејдинг, со 13,47 насто.

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ПРИХОДИ

    Извор: Бизнис мрежа

     

    Профитот експлодира – раст од 42 насто

    Кога ќе порасне профитот за речиси 169 насто, тоа значи дека се погодила годината. Токму толку е зголемена добивката на Електродистрибуција во 2024 година, во услови кога приходите пораснале за 13 насто. Минатата година Електродистрибуција оствари добивка од 29,5 милиони евра и е на второто место на листата на топ 10 компании по добивка.

    Лидер по добивка е Македонски Телеком, кој завршил со чиста добивка од 38,7 милиони евра и раст од 7,7 насто.

    На високо трето место е ЕВН Македонија, со 27,2 милиони евра, но со благ пад од 2,8 насто.

    Голем раст на добивката, над 105 насто, во однос на ланската година има остварено и компанијата Бехтел Енка УК 2 ЛИМИТЕД Обединето Кралство. Оваа компанија, која е изведувач на четирите нови автопатски делници од проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, во 2024 година, односно во својата прва целосна година на работење, оствари добивка од 7,8 милиони евра.

    Пад на добивката во 2024 година покажаа ЕВН со 2,80 насто и Веропулос со 4,52 насто.

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ДОБИВКИ

    Извор: Бизнис мрежа

     

    Десет компании од Центар диригираат вработување на 15.849 луѓе

    Минатата година кај десетте најголеми работодавачи во општината Центар биле ангажирани 15.849 лица, што е зголемување за 847 лица на годишно ниво.

    Всушност, само кај три компании има намалување на работната сила: Пошта на Северна Македонија (8,00 %), Тинекс-МТ (4,68 %) и Гранит АД Скопје (11,97 %).

    Огромен раст во однос на вработените има остварено Бехтел и Енка (609 %). Во 2023 година бројот на работните лица изнесувал 143, а во 2024 година – 1.014.

    Според податоците, најголем работодавач е Електрани на Северна Македонија, со 4.541 вработен.

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ВРАБОТЕНИ

    Извор: Бизнис мрежа

    Сите овие фирми не само што остваруваат огромни приходи и добивки, туку обезбедуваат и илјадници работни места и директно влијаат врз државниот буџет и инфраструктурниот развој. Центар покажува дека бизнисот не се мери само со квадратни метри, туку и со концентрација на вредност, знаење и влијание.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично