На сите страни се гради, но според дозволите за иведување на таа активност, кои за една година се намалени за 12,9 отсто, се чини дека интересот е во некоја блага фаза на опаѓање. Во октомври се издадени 325 одобренија за градење, со предвидена вредност од 7.539.575 илјади денари, односно 122,5 милиони евра. Овој параметар е за 47,7 проценти помал споредено со десеттиот месец од минатата година. Од Државниот завод за статистика појаснуваат дека намалената вредност произлегува од одобрението за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка, издадено лани во октомври.
Крајниот резултат од изградбата треба да се согледа во 790 нови станови, со вкупна корисна површина од 71.091 метар квадратен.
Очекувано, најмногу ќе се гради во главниот град, односно во Скопскиот регион. Но, овојпат во фокусот не е Центар, туку Општината Гази Баба. Таму треба да се изградат 194 станови на површина од 12.873 квадрати. Се работи за 25 еднособни, 75 двособни, 67 трособни и 27 четворособни станови.
Според октомвриските одбренија, во Центар ќе бидат изградени 53 нови станови, со вкупна површина од 4.044 метри квадратни.
Инаку, во Скопскиот регион се издадени најмногу одобренија – 76, со вредност од 894.662 илјади денари или 14,5 милиони евра. Се однесуваат за изградба на 323 станови.
Со една дозвола помалку заостанува Полошкиот регион, каде што се издадени 75, а предвидената вредност е 700.097 илјади денари/11,3 милиони евра. Следуваат Вардарскиот со 37 дозволи (17,6 милиони евра), Југоисточниот со 34 дозволи (шест милиони евра), Југозападниот – 33 дозволи (6,8 милиони евра), Пелагонискиот – 30 дозволи (14,6 милиони евра), Источниот – 27 дозволи (16,1 милион евра) и Североисточниот каде што се издадени 13 одобренија со вредност од 2,8 милиони евра.
Од вкупниот број издадени одобренија, повеќе од половината или 57,7 отсто се за објекти од високоградба – 187. За нискоградба се 80 и нивниот удел е со 24,6, проценти, додека за реконструкција се 58 (17,8%).
Со издадените дозволи треба да се изградат 325 објекти, при што кај 175 (53,9%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 150 (46,1%) – фирми.