ПОВЕЌЕ

    Во Охрид се свртеле 777 милиони евра – Кој ја гради локалната економија?

    Време зa читање: 6 минути

    Трговија, производство, градежништво, обезбедување и, секако, туризмот како природна одредница, се бизнисите што се развиваат во Охрид и придонесуваат во развојот на локалната и државната економија. Анализата што ја подготви порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа покажува дека приход од 776,8 милиони евра и добивка од 59 милиони евра се вкупните минатогодишни постигнувања на 2.844 компании. Резултатите, во однос на прекланските, се подобри – кај приходната страна за 14 насто, а кај профитот за 18,7 насто.

    И од аспект на вработеноста има напредок, но е минимален (малку повеќе од еден процент). Во сите тие охридски фирми лани биле ангажирани 12.621 лице. За сите нив, месечно била исплаќана просечна плата од 838,7 илјади евра, а зголемувањето на годишно ниво е за 9,7 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КОСТАЛ ИМА 47 НАСТО ОД ПРИХОДОТ НА ТОП 10 КОМПАНИИТЕ

    Со заеднички сили се генерирани 316,3 милиони евра од страна на десетте најголеми компании според остварениот приход. Преку нивните деловни активности се создадени 40,7 насто од вкупниот приход на сите компании во оваа крајезерска општина. Мал број големи компании го движат најголемиот дел од локалната економија.

    Потврдата за ова согледување доаѓа од германската инвестиција, Костал Македонија. Таму е создаден речиси половина од приходот во ударната десетка. Конкретно, обртот од 149 милиони евра (+ 14,5%) учествува со 47,1 насто.

    ЛТХ Леарница, дел од словенечката LTH Castings Групација, од производството на алуминиумски производи лани обезбедила 34,8 милиони евра. Приходот е проследен со годишна промена од 6,8 насто.

    Следи заштитното друштво Отпад, со адреса во Косел. Обемот на работата се зголемил, па приходот од складирањето отпад во текот на минатата година се зголемил за речиси 13 насто и достигнал 29,2 милиони евра.

    Всушност, раст на прометот не е забележан само кај еден претставник од оваа топ 10 листа ‒ Моби петрол. Приходот опаднал за 10,6 отсто, од 12,2 милиони (2023 година) на 10,9 милиони евра (2024 година).

    Зголемувањата кај другите компании почнуваат од над четири насто (Екстра-скопско Косел) и се со двоцифрена основа. Затоа, интересен е примерот на осморангираната Ренарда. Охридскиот трговец со кафе, какао, чај и зачини лани успеал да ги натфрли приливите на средства за извонредни 759,36 насто! И, ако преклани приходувал „само“ 1,3 милиони, работата лани му се „позлатила“ со 11 милиони евра.

    ТОП 10 компании по приходи

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОФИТОТ Е ПОВИСОК ЗА 43 НАСТО

    За 42,7 насто е повисока добивката на десетте најпрофитабилни компании од охридската територија и за 2024 година изнесува 19,4 милиони евра. Оваа сума има удел од 33 насто во вкупната добивка на сите над 2.800 компании.

    Од аспект на процентуалниот раст, највисоката годишна промена е регистрирана кај Нефи ИК. Фирмата од градежната дејност го зајакнала профитот за 67,82 насто, кој досега над 854 илјади евра и е доволен за седмата позиција.

    Најголемата заработка од 4,1 милион евра е на ЛТХ Леарница. Стапката на зголемување од 67,16 насто е исто така солидна.

    Сите овие компании во своите деловни книги запишале раст на добивката. Минималното остварување од нецел еден процент е на градежникот Трим, кој со годишниот профит од 2,3 милиони е во првиот дел од табелата, на третото место.

    Три места подолу е Зора. Трговското друштво за проектирање, производство и изведување на телевизиски дистрибутивни системи преклани имало мала загуба од десетина илјади евра. Потоа работите се средиле, а 2024 година била заокружена со добивка од 1,4 милиони евра.

    ТОП 10 компании по добивка

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМИТЕ РАБОТОДАВАЧИ АНГАЖИРААТ 3.236 ЛИЦА

    Охридските фирми им даваат можност за работа на повеќе од 12,6 илјади лица. Од нив, најголемите работодавачи лани обезбедиле 3.236 работни места (+ 9,9 %). Кај нив се 26 насто од сите вработувања. Сепак, треба да се напомене дека шест од десетте компании лани го намалиле кадарот.

    Најголема потреба од бројна работна сила има Костал Македонија. Во таа компанија минатата година платата ја заработувале 1.092 лица, што е за 62 повеќе од преклани.

    Сите овие компании имаат над 100 вработени, а со повеќе од 200 се шест: ЛТХ Леарница (537), Охридски комуналец (302), Жито леб Охрид (289), Водовод Охрид (220) и Виеми 3 & 3 (201).

    ТОП 10 компании по вработени

    Извор: Бизнис Мрежа

    ЗА 51 ВРАБОТЕН – ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ ОД 1.200 ДО 1.900 ЕВРА

    Фирмите што се издвојуваат по просекот на платите, воопшто ги нема на претходните листи. Тоа е и разбирливо, бидејќи се мали, со ангажирана моќност од 51 вработен. Во тие десет компании, лани просечните месечни примања биле во опсег од 1.190 до 1.900 евра.

    Највисоката плата им била исплаќана на тројца вработени во Друштвото за трговија и услуги Гемини Глобал.

    По двајца вработени имаа СУП клуб 2018 и ИТнновате. И во двете фирми просекот е околу 1.630 евра.

    За 10 евра е пониска просечната плата во НО.МА.метал, која лани функционирала со шесточлен тим, од кој претходно заминале двајца. Оваа компанија го има и најостриот пад на платата од 91,61 отсто. Од 19.300 евра преклани, во 2024 година просекот бил сведен на 1.620 евра.

    Најголемиот, пак, скок кај платите (+ 87,54 %) е забележлив во Метал импекс од Велгошти, каде што примањата од 710 се искачиле на 1.340 евра. Во меѓувреме, и кадарот се намалил ‒ биле двајца, а останал еден вработен.

    Од компаниите со највисоки плати, најмногу вработени има Интерактиве солутионс (16, а во 2023 година – 12), а го следат Новикоги технологиес (од 5 на 8 вработени во 2024 година) и Њу вижен, каде што поставата од шестмина ангажирани е стандардна.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично