За 15 илјади акции на „Македонијатурист“ познат купувач платил 2,7 милиони евра. Акциите кои обезбедуваат вкупно 3,32 проценти сопственост се купени преку две блок-трансакции. По единечна цена од 11.070 денари.
Во првиот блок предмет на купопродажба биле седум илјади хартии од вредност издадени од хотелско-угостителската компанија. Тие претставуваат 1,55 отсто од основната главнина. Вредноста на трансакцијата е 77.490.000 денари, што е еднакво на 1,26 милиони евра.
Според објавата на Македонска берза, втората блок-трансакција е во износ од 88.560.000 денари, или 1,44 милиони евра. Тука се опфатени осум илјади обични акции, кои на сопственикот му носат 1,77 проценти од почетниот капитал.
Двата блока се реализирани по 20-дневно затишје, а по интензивните купопродажни активности регистрирани во изминатите месеци, со што драстично се измени сопственичката структура. Во последниве 30 дена, со овие два, имало 31 блок-трансакција. Притоа, забележлива е разноликост кај цените, кои се движи од 7.646 до 13.964 денари за акција. Овој рекорд го држат акциите што ги продаде до неодамна најголемиот акционер, Доне Таневски.
Инаку, оваа акција ја заврши минатата недела со просечна цена од 8.884,55 денари. A вчера, покрај блоковите, се тргувало со неа на официјалниот пазар, при што има пад од 4,89 проценти и просечната цена е 8.450 денари.