Во просториите на Europe House – Битола, Здружението за неформална едукација ЕВРОПСКИ КУЛТУРЕН ЕПИЦЕНТАР Битола (ЕКЕ Битола) го одбележа Меѓународниот ден за едукација во затворите. Настанот се одржа во рамките на проектот „Еразмус+ Патеки за Промена: Препознавање на Еразмус+ како алатка за ресоцијализација во европските казнено-поправни институции” , ко-финансиран од програмата Еразмус+ на Европската Унија.
Конференцијата започна во 09:30 часот и собра претставници од повеќе казнено-поправни установи во земјата – Затвор Битола, Затвор Охрид, КПД Штип, КПД Идризово и Воспитно-поправниот дом Тетово, како и претставници од Општина Битола, Центарот за социјална работа, Работничките универзитети и невладините организации.
Во рамките на настанот беа презентирани клучните резултати и истражувања спроведени во текот на проектот, како и Водичот за примена на програмите Еразмус+ и Европски солидарен корпус во казнено-поправните и воспитни установи. Присутните имаа можност да дискутираат за моменталната состојба на образованието во затворите, да разменат искуства и да иницираат нови идеи за подобрување на ресоцијализацијата преку учење.
Претставниците на казнено-поправните и воспитно-поправните установи пројавија интерес за користење на оваа програма и ја потенцираа можноста за соработка во развој на идни заеднички проекти, со посебен акцент на постпеналната институционална поддршка и континуирана едукација на поранешните осудени лица. Тие ја нагласија важноста на воспоставување системска врска меѓу казнено-поправните установи, образовните институции и граѓанските организации, со цел олеснување на повторната интеграција на лицата по издржување на казната.
Настанот беше дел и од одбележувањето на Еразмус+ Деновите, кои годинава се одржуваат низ цела Европа, промовирајќи ги вредностите на учење, инклузија и европска соработка.
Со оваа конференција беше одбележан и Меѓународниот ден за едукација во затворите – 13 октомври, кој ја истакнува важноста на образованието како средство за подобрување на животните можности на осудените лица и нивната успешна интеграција во општеството.
Настанот заврши со коктел и неформално дружење, во духот на соработка и споделување на добри практики меѓу институциите и граѓанскиот сектор.
Комерцијален текст