Вложувањето во акции носи сериозно високи стапки на добивка ако тоа се прави на правилен начин. Акциите се вистински имот со реална вредност, кои треба да се вреднуваат како капитал, имот, бизнис, а не само како моментална цена на берзата. Не се вложуваат пари само во купување станови, туку и во профитабилни акции.
Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник од Капитал Ассет Менаџмент на традиционалната Годишна инвеститорска средба, истакна дека 2024 година се покажала како екстремно позитивна за вложување во акции и со паметен избор на квалитетни акции се оствариле атрактивни приноси, затоа што вложувањето во акции е реален и опиплив имот.
„Во услови на дополнителна претпазливост поради глобалните случувања минатата година, Капитал Ассет Менаџмент успеа да постигне впечатливи резултати, материјализирајќи ги придобивките од вложувањата во претходните години и оствари значителен принос на средствата на клиентите. Умешноста на компанијата да го согледа совршениот момент за берзански активности донесе стабилност во услови на посилни економски и политички турбуленции на пазарите“, потенцираше Костадиновски.
Тој очекува 2025 да биде година во која ќе продолжи економската стабилизација, освен факторот Трамп, кој секогаш може да донесе изненадувања.
„Берзански ќе има добри можности за инвестирање, посебно во компании кои докажано носат поробустни профити и дивиденди. Домашниот пазар по многу параметри е фундаментално преценет и во такви услови на овој пазар ќе бидеме присутни единствено доколку се појават атрактивни цени за купување или доколку компаниите позитивно изненадат со надминување на остварените добивки“, додава Костадиновски.
Во 2025 година се очекува дополнително разлабавување на монетарните политики, со поголем интензитет во Европа, односно намалување на каматните стапки коешто ќе се рефлектира со позитивни движења на берзите.
„Една од најрелевантните интернационални инвестициски куќи, ЈП Морган, во своите анализи за 2025 година во однос на глобалната економија очекува да има поробустен раст, со исклучок на Кина каде се очекува забавување на растот. Глобално, на берзите се очекува да има поширок интерес за различни компании, односно се очекува разводнување на моменталната концентрација во технолошките компании. На развиените пазари, се очекува каматните стапки да останат на овие нивоа подолго време, со исклучок на Европа. Додека постои генералното очекување за забавување на инфлацијата, за аналитичарите на ЈП Морган можно е да се видат периоди на зголемување на инфлацијата поради најавените политики за зголемување на царините“, објасну Костадиновски.
Во 2024 година, Друштвото двојно го зголеми имотот под управување со индивидуално портфолио за клиентите, како резултат на нови вложувања од страна на клиентите, како и од пораст на вредноста на акциите во кои се инвестирани нивните средствата.
„Статистички гледано, кога се вложува во акции постои девет пати поголема веројатност да имате добивка од 15 или повеќе проценти отколку да бидете во минус од 15 или повеќе проценти. Затоа секогаш е препорачливо долгорочно и континуирано вложување“, порачува инвестициски советник.
Друштвото дава услуга на индивидуално управување со портфолио, при што индивидуалните и институционалните инвеститори го доверуваат управувањето со нивните инвестиции во финансиски инструменти на професионални портфолио менаџери.