
Лебот, бел и полубел, деновиве е главна тема за дискусија. Најавата дека од први март цената на најосновната намирница оди под мраз со единствена цена од 33 денари, предизвика бројни реакции – помалку одобрување, повеќе негодување.
Граѓаните, кои речиси секојдневно се соочуваат со нови цени на продуктите, главно, позитивно гледаат на владиниот потег, кој според нив, иако минимално, сепак ќе донесе некакво олеснување. Што наликува на давеникот кој пружа рака кон сламка. Сепак, лебот не единствениот артикал што се користи во дневната исхрана, па оттаму и барањата од потрошувачите да се регулираати цените на останатите намирници, на млекото и млечните преработки, на јајцата, месото… Зашто, товарот од ценовниот хаос падна на нивниот грб, со што уште повеќе се продлабочи состојбата на хронична беспарица. Како што велат граѓаните, неиздржлив е ценовниот пекол во кој се втурнати.
Пекарите, пак, одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ја доживуваат како втор удар од страна на Владата. Првиот беше најавата дека ќе се укине помошта – субвенцонирана струја. И не само што се незадоволни, туку и стравуваат за сопствениот опстанок. Во изјавите за медиумите, Од Агро-бизнис комората посочија дека е неизвесно како фурните ќе се справат со трошоците, па можни се две опции од кои ниедна не е поволна – или да стават клуч на врата или да ги остават празни рафтовите во маркетите.
Што се однесува до стручната јавност, тука владее мислење дека владиниот потег е избрзан и несоодветен, а се темели на неисполнетите очекувања од мерката поевтина електрична енергија за прехранбената индустрија, која стартуваше лани во ноември. При што не се остварија предвидувањата дека цените ќе се намалат до десет проценти. Оттаму и советот од експертите, власта да не ги игнорира потребите и укажувањата од деловната зедница, туку да се координира со неа, доколку сака успех во остварувањето на економските политики.
Одлуката за замрзнување ќе се донесе утре на владина седница, со цел да се влијае врз неконтролираните ценовни движења кај храната. За целосно спроведување на оваа мерка, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе се активираат пазарните инспектори, при што освен цената, ќе вршат проверка и на количината, бидејќи е утврдено дека одредени трговци ја намалиле грамажата. Исто така, тој рече дека ова е само првиот чекор, зашто ќе има и други одлуки за замрзнување на цените, а крајниот ефект што треба да се постигне е – спречување на военото профитерство во време на голема криза.
Всушност, на ред ќе дојдат и тестенините и како што наведе Бектеши, за спречување на евентуалниот раст можно е да се укинат царинските давачки. Воедно, неделно ќе се разгледуваат цените на другите прехранбени производи, а во содејство со Министерството за земјоделство ќе се одлучува за цените на овошјето и зеленчукот.
А за тоа дали е можно укинување на субвенционирата струја, власта чека правно мислење. Ако е тоа позитивно, тогаш прехранбениот сектор наскоро ќе ја загуби оваа поддршка, за која од државната каса се одлеале речиси 1,5 милион евра. Наспроти тоа, 60 до 70 отсто од корисниците не ја испочитувале обврската да ги намалат цените на производите.
Инаку, на глобално ниво, согласно јануарските податоците на ФАО, цените на храната бележат десетмесечен пад. Или, намалени се за 18 отсто во однос на март 2022, кога достигнаа рекордно ниво по рускиот напад на Украина. Индексот на цените во јануари во просек изнесувал 131,2, наспроти 132,2 поени во декември. Тоа е најниската вредност од септември 2021 година. Придонес за тоа имал и падот на цените на растителните масла, млечните производи и шеќерот, а цените на житарките и месото останале стабилни.
Аналитика








