На тој што дава секогаш му се чини многу, а оној што зема смета дека е малку. Слична е состојбата меѓу Владата и Синдикатите во преговорите за платите во јавниот сектор. Зад нив остана уште една средба во рамките на Економско социјалниот совет, без дефинирани потези и проценти.
За оваа и за идната година, пред да почне да се применува методологијата за пресметка, властите, според неофицијалните информации, нудат плати повисоки за пет насто. Тоа е половина од можноста на која укажаа од мисијата на ММФ – дека има услови во Буџетот да се обезбеди зголемување од речиси десет проценти, што е согласно со проектираната стапка на инфлацијата. Синдикатите, пак, инсистираат процентите на придвижување да се 12,8, односно 14,5. Првата бројка соодветствува со зголемувањето на минималната плата, а втората со стапката на инфлација.
Расчекорот се уште е присутен околу основата за пресметка која ќе се вгради во новата методологија. Синдикалците остануваат на почетната позиција – просечната плата да биде сидрото за утврдување на платите во јавниот сектор. Владата, слично како и кај процентите, се залага за пониското ниво, односно пресметките да се вршат врз минималната плата. Впрочем, на таа тема допрва ќе се разговара и преговара.
Наредната средба е договорена за понеделник. Двете страни треба да се подготват и да го одработат својот дел од задачата. Во овие неколку дена Синдикатите треба да ги достават пресметките направени според владниот предлог. А, обврска на Владата е да испорача нова симулација. Од сето тоа ќе зависи дали ќе има простор за приближување на позициите.
„Бараме методологија како за пресметување на функцонерските плати. Навистина, Владата направи отстапка со намалувањето на транзициониот период. И ние мислиме на Буџетот, дека треба да се полни и има трошоци. Но, треба и нас да не сфатат. Платите во јавниот сектор се најразлични, зашто досега некои се зголемија, другите не. Неприфатливо е она што Владата го нуди, 3,3 проценти раст на вредноста на бодот годинава, а 6,6 насто во 2024“, вели Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Што се однесува до пресметките, укажува дека разликите се големи.
„Треба да се дојде до модул за зголемување на платите, за да може да ги премостиме годините до примената на новата методологија. Затоа и предлагаме повисок процент на зголемување да се примени кај платите кои се многу блиску до минималната плата. И повисоките плати треба да се зголемат, но со понизок процент“, дециден е Деановски.
Синдикалните пресметки, вели, се готови. Но, разликата во нашите и во пресметките на Владата во моментов воопшто не е мала. Поради тоа цврсто се решени да не отстапат од ставот дека основата треба да биде просечната плата.
Инаку, во поглед на транзицискиот период, властите ретерираа. Од првичните пет, на две и пол години.
Тоа го соопштија и од Министерството за труд и социјална политика, од каде што посочија дека на седницата презентирале методологија за раст на платите во јавниот сектор, со која се предлага нов транзициски период од 2023 до 2025 година. Или, зголемување на платите во период од две и пол години.