Владата ја усвои информацијата во врска со статусот на Договорите за концесија на малите хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување на Национален парк Шар Планина, за коишто се водеше постапка за спогодбено раскинување на договорите за концесија за користење вода за производство на електрична енергија. Тоа значи дека нема да се реализираат договорите за концесија на седум мали хидроелектрични централи во Националниот парк Шар Планина, лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во Националниот парк Шар Планина.
ПАРКОТ ПРОГЛАСЕН, МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ И НАТАМУ СЕ ГРАДАТ
Според првобитните планови на Владата во идниот национален парк требаше да има најмалку 40 мали хидроцентрали.Во студијата за валоризација за Шар Планина се наведува дека досега не е изработена студија за кумулативните влијанија на малите хидро електрани врз хидролошкиот потенцијал во сливното подрачје на Шар Планина и не може се точност да се определи нивниот интензитет, особено во подрачјето кое е предмет за идна заштита.
Потегот на Владата го поздравија и екологистите, нарекувајќи ја револуционерна. „Еко-свест ја поддржува одлуката на Министерството за животна средина за одземање на концесиите на малите хидроцентрали на територијата на Националниот парк Шар Планина“, се вели во соопштението на организацијата, каде се наведува и дека овој чекор ќе се овозможи да се заштитат важни локации за водниот и крајбрежен биодиверзитет на Шар Планина.
„Ваквата одлука на Владата покажува дека повеќе нема простор да се игнорираат научните сознанија за огромното негативно влијание на малите хидроцентрали врз заштитените подрачја“, нагласуваат од Еко-свест, нарекувајќи го потегот. Сепак, ова е само прв чекор и потсетувајќи дека и во НП Маврово има издадени концесии кои мора да се раскинат што побрзо, за да се овозможи одржливо и интегрирано управување со паркот. „Реките без препреки се еден од најважните елементи за здравјето на екосистемите. Националните паркови и заштитените подрачја се клучни за
заштита и зачувување на биолошката разновидност, а имаат и непроценлива улога во
одржување и подобрување на квалитетот на водата што ја пиеме, заштита на подземните води и подобрување на квалитетот на воздухот“, се нагласува во реакцијата на Еко-свест.
Во текот на изминатата година беше објавено дека само еден од нив, инвеститорот на МХЕЦ Лешочка 100 и Лешочка 101, се откажал, бидејќи, иако имало одлука да му се додели концесија, немал склучено договор, па постапката е прекината тука, без барање за надомест. Што се однесува до останатите, инвеститорите на МХЕЦ Пена 82, МХЕЦ Љуботенска 66, МХЕЦ Вратничка 67, МХЕЦ Беловишка 107, се изјасниле дека бараат надомест за враќање на вложените средства за досегашната реализација на договорите.
УНИШТУВАЊЕ НА РЕСУРСИТЕ И НА ПРИРОДАТА
Кон крајот на минатиот месец беше објавено дека Нацрт-планот за управување со НП „Шар Планина“ се предвидува откажување од изградба на дури 25 хидроцентрали и забрана за нови хидроцентрали во секоја од зоните на Националниот парк. Според информациите на Министерството за животна средина и просторно планирање на Шар Планина има изградено 11 мали хидро електрани, додека за девет има склучено договори од кои дел веќе ги завршуват градбите, а постојат и пет одлуки за доделување концесии.
Сепак, со Нацрт-планот се дозволува реализација на четири хидроцентрали за кои се потпишани договори за концесија и кои се наоѓаат во зоната на одржливо користење. Меѓу нив се наоѓа и малата хидроцентрала во месноста Лешница, во горното течение на реката Пена. Лешница е широко познат природен локалитет по својата ретка природна убавина, која веќе сериозно е нарушена со обемните градежни активности околу изградбата на мала хидроцентрала број 84, за што во неколку наврати беа одржувани и протести на еколошките активисти од Тетово и Скопје. Но, и покрај тоа што во непосредна близина на идната мала хидроцентрала се наоѓа и каптажата за водоснабдување на градот Тетово, најновата одлука на Владата не се однесува на неа.
Од невладината организација „Еко Герила“ од Тетово потсетуваат дека веќе долго време се зборува за негативните последици кои веќе ги чувствуваат жителите на Тетово и околните села, пред се поради проблемите во водоснабдувањето. Потоа и повеќето други промени на почвата, воздухот и животната средина со последици како ерозија на земјиште, појава на поплави и слични проблеми.
„Во 2020 Државниот Инспекторат за животна средина предупреди дека со изградбата на хидроцентралата во шарпланинската месност Лешница постои можност за загадување на водите и водоснабдувањето на градот Тетово. Селата Теарце, Доброште се лишени од правото на вода за пиење од почетокот на изградба на малите хидроцентрали. Тие се принудени да купуваат флаширана вода за пиење. Ова не е насоката во која треба да одиме. Денес се соочуваме со сериозни проблеми со водата за пиење. Пријателите од другите градови не го разбираат овој факт и ме прашуваат како може да останете без вода во подножјето на Шар Планина што е апсурдно нели“, вели Нгадњим Мемети од тетовското еколошко здружение Еко Герила за „Разбистри се“.
Александар Стојановски од планинарскиот клуб Јелак од Тетово предупредува дека не треба да се заборават последиците од самото вршење на градежните активности за изградба на хидроценталите. „За да се изгради мала хидроцентрала до недопрените предели на Шар Планина треба да се отвори пристапен пат, па по тој пат да се носат материјали, да поминуваат камиони… Тие пристапни патишта потоа ќе служат за градење на викендички… Се отворија два-три пристапни патишта сега на Лешница може да се видат и патнички возила како носат поголеми групи на туристи, позади нив се остава ѓубрето, има загадување на почвата од бензини и масла од возила, загадување на воздух од сето тоа и слично“, објаснува за „Разбистри се“ Стојановски.
И жителите на шарпланинските села потенцираат дека е потребно ставање на поголем акцент на заштита на водата и водните ресурси во подрачјето на Шар Планина. „Со години се бориме за заштита на природата и се спротиставуваме на градбите на хидроцентралите… Според нас треба да се стави ад акта за градење на такви објекти, да нема таква можност за хидроцентрали на Шар Планина“, потенцираат од месната заедница Вратница.
“Пред 20 години и порано сите луѓе во селото живееа од водата во реката. Ги вадеа нивите и се напојуваше добитокот и од тоа се егзистираше. Сега 80 отсто од селото не може да го прави ова затоа што нема вода во реката. А сакаат да прават хидроцентрали. Не треба да се прават хидроцентрали затоа што ќе останеме и без таа малу вода“, вели Башким Фејзулаи од месната заедница на село Бродец.
Во Македонија досега се изградени нешто над стотина мали хидроцентрали со скромен капацитет на производство на електрична енергија, кој не надминува 3% од вкупното производство на струја на ниво на државата. Производството на струја од малите хидроцентрали се смета за користење обновливи извори и како такво е субвенционирано од државата.