Цената на белиот и полубел леб се замрзнува на 33 денари и тоа ќе биде со важност до 31 мај. Компаниите од прехранбениот сектор нема повеќе да користат субвенционирана струја. Ова се одлуките од денешната владина седница, кои ги образложија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија решник Бектеши. Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник, по што ќе стапат на сила.
Со одлуката за замрзнување, овие два вида леб сечени на париња или цел во форма на цела векна од 450 грама ќе бидат со единствена цена од 33, а под таа грамажа – до 33 денари, зависно од тежината.
Според премиерот, овие мерки, како и сите претходни, првенствено се донесени за заштита на граѓаните. Освен тоа, и покрај антикризните мерки, компаниите или не ги намалиле цените на основните потреби, или направиле минимални корекции. „Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрилна енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски.
Ресорниот министер за економија зборуваше за направените анализи за движењата кај цените на горивата, струјата, брашното, односно за сето она што влијае врз крајната цена на лебот.
„Ако во октомври дизелот беше 99,55 денари, а во ноември 93 денари, денеска или во текот на јануари просечна цена е 87,88 денари и има најави за намалување. Природниот гас, кој одредени големи производители го користат како енергент за производство на леб, особено за Скопје, во октомври бил 134,9 за мегаватчас, во ноември – 116,82 евра за мегаватчас, во јануари – 56,55 евра за мегаватчас, во февруари бил 51,61 евро за мегаватчас. Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечната цена според ‘Хупекс’ за октомври е 193,94 евра. За ноември е 222,4 евра, за декември е 261,15 евро, во јануари е 148,69 евра. И во февруари е 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегаватчас“, нагласи Бектеши.
Исто така, додаде и дека брашното е поевтинето. „Брашното во нашата држава во големопродажба е со просечна цена за октомври-ноември 30 денари за килограм. Просечната цена за јануари-февруари е 28 денари за килограм. Цената се движи од 26 до 28 денари“.
По сето ова, рече министерот, максималната цена за 450 грама бел леб треба да биде 32 денари, и додаде дека во одредени градови има цени и пониски од таа сума. Според него, цените на лебот биле и по 28 денари во одделни градови: „Цените на белиот и на полубелиот леб се движат од 28 до над 40, па и до 45 денари, во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден леб, зборуваме само за два вида леб од големата понуда, значи ние мислиме дека тоа не е во ред“.
Инаку, тие се заканија дека ќе престанат со производството и со испораката на леб, доколку Владата ја замрзне цената, а тоа ќе го сторат откако одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“. Министерот, пак, им порача да ги прифатат ваквите одлуки, но и да разговараат, за да се најде соодветно решение одржливо решение.
Доколку пекарите престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да ги санкционира. Во тој случај ќе се активираат другите институции – Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата.