Со прераспределба на буџетските средства Владата ќе го реши проблемот со задоволување на потребите – за платите во јавниот сектор 4,25 милијарди денари, за шестпроцентното усогласување на пензиите 3,5 милијарди денари, за земјоделски субвенциии 800 милиони денари… Дополнителни средства се обезбедуваат и за спроведување мерки за надминување на определени непредвидени состојби во стопанството, за поддршка на домашни и странски компании, за социјално осигурување, за набавка на лекови, за здравство, за образование. Проекциите се предвидени со владината Одлука за прераспределба на годинешниот Буџет.
Се работи само за реалокација на средства, а не за ребаланс, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими. До крајот на годината се очекува реализација на приходната и расходната страна во ист номинален износ, како што е проектирано со Буџетот 2023, па и буџетскиот дефицит останува на зацртаното ниво од 4,2 проценти од БДП.
„Предлагаме прераспределба, а не ребаланс. Прилагодувањата се направени преку реалокација на средствата од позиции каде има послаба динамика и каде процесите дозволуваат да се направат прераспределби, кон позиции каде преземавме обврски, како покачување на платите во јавниот сектор и исплата на К-15, ново зголемување на пензиите, повеќе средства за социјална помош, за набавка на лекови, за субвенции за земјоделците, како и за деветтиот пакет на антикризни мерки кој Владата наскоро ќе го објави“, наведе министерот.
Воедно, рече дека се направени прилагодувања кај некои од капиталните проекти, но само колку што дозволува динамиката на нивната реализација.
„Напоменувам, не се отфрла ниту еден капитален проект. Капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно согласно златното правило во финансиите, да се позајмува само за инвестиции и развојни цели“, дециден е Бесими.
Како што појасни, ставката за плати во јавниот сектор се зголемува за 4,25 милијарди денари. И тоа, околу три милијарди денари на име повисоки плати за 10 насто од овој месец, како и за утврдените по 10 илјади денари за К-15 согласно новиот Општиот колективен договор. Од тоа, околу 1,4 милијарди денари се за 50 илјади вработените на централно ниво и во фондовите, 1,1 милијарда денари се за 36 илјади вработените на локално ниво и 500 милиони денари за 20 илјади вработени во здравствените установи. Или, за вкупно 106 илјади лица кои работат во јавниот сектор. Па, околу 1,8 милијарди денари се за зголемување на платите за исплата на преостанатите плати годинава, а околу 1,2 милијарди денари се за исплата на регрес за годишен одмор.
„За зголемувањата на платите на илјада функционери – 450 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери-министри, директори, предвидени се 720 милиони денари. За усогласување на платите со порастот на минималната плата во текот на 2023 година предвидени се 480 милиони денари“, реферира министерот Бесими.
Освен за редовното усогласување на пензиите, пвеќе пари има и за вториот пензиски столб.
„Се обезбедуваат 3,5 милијарди денари за 336 илјади пензионери за пораст на пензиите за околу шест отсто, почнувајќи од септември 2023 година. Се дообезбедуваат и 600 милиони денари за редовно сервисирање на обврските кон вториот пензиски столб. Притоа, за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход планирани се дополнителни 600 милиони денари, а ова зголемување се должи по основ на повисока реализација заклучно со август“, вели Бесими, кој додаде дека кај земјоделските субвенции се алоцирани дополнителни 800 милиони денари. Со нив ќе се субвенционира млекото и сточарското производство, а дел има и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство.
Во проекциите е и набавката на лекот „Трикафта“, односно 100 милиони денари за потребите на 55 пациенти. Понатаму, за дигитални сензори за дијабетичарите – 20 милиони денари, за дополнителни средства за редовно сервисирање на породилните боледувања 200 милиони денари, за превод и печатење и откуп на учебници за основно и средно образование -дополнителни 166 милиони денари. Исто така, испланирани се и плус 290 милиони денари за 29 илјади корисници на студентскиот оброк, за 6.900 стипендисти студенти и за 9.600 ученици стипендисти.
Дополнителни 650 милиони денари се за исплата на „Мој ДДВ“, бидејќи е повисок лимитот за поврат.
„Пристапивме кон овие реалокации на средства во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот. Нашата цел е поддршка за граѓаните и што е можно повеќе да ги олесниме ценовните притисоци“, нагласи министерот.
По утврдувањето од Владата, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и предметната Предлог – одлука, ќе бидат доставени до Собранието на Република Северна Македонија.
Според владиното соопштение, пак, „законот чие донесување се предлага, се заснова врз начелата за рационално, економично, ефикасно и ефективно трошење на средствата од корисниците на Буџетот и законитост и одговорност при користењето на средствата на Буџетот за извршување на утврдените обврски“.