Зголемена добивка проследена со пад и кај приходите и кај расходите се главните обележја на минатогодишното деловното работење на прехранбената индустрија „Витаминка” од Прилеп. Иако во првата половина од 2023 добивката се топеше како чоколада на сонце – за 60 отсто во првото, па за 75 проценти во второто тримесечје, компанијата оствари позитивен финансиски резултат, за 30 насто подобар од претходната 2022 година. Или од 29,804 илјади денари (над 484 илјади евра) на 68,515 илјади денари (повеќе од 1,1 милион евра).
Ланските активности на „Витаминка“ ѝ обезбедиле прилив од 3.485.210 илјади денари (56,6 милиони евра), кои во споредба со реализацијата во 2022 се пониски за девет отсто. Во структурата на вкупните приходи доминантна – со 98 проценти, е продажбата на сопствените производи и услуги од основната дејност. На ова поле е евидентиран десетпроцентен пад. Продажбата на домашниот пазар донела 2,127,405 илјади денари (34,55 милиони евра) и тука исто така се бележи намалување, но раст има кај приходите од странство, кои изнесуваат 1,287,059 илјади денари (20,9 милиони евра). Од компанијата посочуваат дека падот на вкупните приходи е во корелација со оперативното работење, при што најголемото влијание го имал падот на цената на маслото за јадење.
Трошоците, пак, се намалени за 16 отсто и се во износ од 3.429.814 илјади денари (55,7 милиони евра).
Минатата година, за купување опрема и недвижен имот, за градежна реконструкција и адаптирање, компанијата вложила 96.907 илјади денари или близу 1,6 милиони евра. Воедно, за 2022 не била поделена дивиденда, согласно одлуката на акционерите за реинвестирање на целата добивка.
Производите на „Витаминка“ од грицки и инстант пијалаци, преку зачини, па сѐ до маслото, намазите и сосовите, солидно минуваат и на домашниот терен и надвор од државата, каде што речиси половина од производството се пласира на пазарите во триесеттина земји низ светот.