Заради обезбедување на транспарентност на сопственичката структура на правните субјекти, се воспоставува Регистар за вистински сопственици, во кој е потребно да се пријават податоци за вистинските сопственици како физички лица, како и обемот на сопственоста на правните лица и другите правни лица во Република Северна Македонија.
Уписот се врши во електронска форма, со тоа што веќе постоечките правни субјекти се должни во рок од 90 дена сметано од денот на почеток со употреба на Регистарот (27.01.2021година), да го извршат уписот на вистинските сопственици, а новооснованите, како и субјектите кои вршат промена на податоците на вистинските сопственици, се должни уписот на вистинските сопственици да го направат во рок од 8 дена од денот на основањето, односно промената на податоците за вистинските сопственици.
Имено, оваа обврска согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам ја имаат: трговските друштва, подружниците и филијалите на странски трговски друштва и странски трговец поединец, како и други правни лица: здруженија, сојузи, фондации, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организаци, а овластеното лице за застапување и преставување на правниот субјект е должно да ги внесе податоците во Регистарот, или да овластат друго лице во нивно име да ги внесе податоците за нивните вистински сопственици. Правните субјекти се одговорни за точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во Регистарот и се должни да поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци и документи за вистинскиот сопственик и податоци за видот и обемот на вистинската сопственост.
Чисто за појаснување, согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, поимот „Вистински сопственик“ е дефиниран како секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на клиентот или го контролира клиентот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман.
За вистински сопственик на правно лице се смета физичко лице или лица кое го контролира правното лице со доволен процент на удели, акции, акции на доносител, право на глас или други права во правното лице, и тоа преку директна сопственост, индиректна сопственост или на друг начин остварува контрола на правното лице.
За вистински сопственик на други правни лица во кои учеството во управувањето не може да се утврди врз основа на сопственички удел во капиталот, се смета дека е секое физичко лице овластено да ги застапува или е во контролна позиција во управување со имотот на организацијата. Како други правни лица се сметаат домашни и странски здруженија, како и нивни сојузи, фондации, установи, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации.
Воедно, за правните субјектите, кои ќе постапат спротивно на одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, односно кои не поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци за вистинскиот сопственик, како и доколку не ги внесат податоците за вистински сопственици во Регистарот во предвидените рокови, се предвидува глоба во износ од 5.000 евра до 10.000 евра во денарска противвредност, како и 30 % од изречената глоба за одговорното лице во правниот субјект.
Пишува: Правен тим на Пари
Повеќе инфо на [email protected]