ПОВЕЌЕ

    ВИНОТО ДОНЕСЕ ДОБИВКА ОД 7,1 МИЛИОН ЕВРА: Една винарница е на врвот, а другите се далеку зад неа

    Време зa читање: 5 минути

    Македонското вино не е само пијалак ‒ тоа е приказна што се прелива низ чашите, со вкус на историја, земја и сонце. Земјава со право ја носи етикетата колевка на виното, со традиција долга илјадници години и региони што буквално се родени за лозарство. Но, зад оваа романтична слика стои и силна економска индустрија. Винарниците се едни од најголемите домашни извозници, најголемите преработувачи на земјоделски производи и важен дел од македонската економија.

    Оваа анализа на порталот Пари е посветена на бизнис-лидерите во производството на вино од грозје и покажува кој го пие профитот, кој инвестира во раст, и кој успева да преживее во сенка на гигантот.

    Според податоците од Бизнис Мрежа, топ 10-те винарници во Македонија во 2024 година оствариле вкупен приход од 93 милиони евра, добивка од 7,1 милион евра и вработуваат 614 лица. На чело на оваа индустрија стои еден доминантен играч ‒ Тиквеш.

    ТИКВЕШ Е НЕДОСТИЖЕН И ПО ПРИХОД И ПО ДОБИВКА

    Винарската визба Тиквеш од Кавадарци е апсолутен лидер според приход со 60,5 милиони евра во 2024 година. Оваа винарница е најголема во земјава, со долгогодишна традиција, современи капацитети и силно присуство на странските пазари. Разликата со второпласираната винарница е огромна. Тиквеш има дури 830 насто повеќе приход, што ја прави највлијателна винарница на пазарот.

    Зад неа е Имако Вино Ексклузив од Штип, со 6,5 милиони евра. Станува збор за винарница којашто е лоцирана во Овчеполското виногорје и е една од најголемите винарници во земјава, со годишно производство над 10 милиони литри вино.

    Трета по ред е Риго Импекс, семејна компанија со долгогодишна традиција, со 4,9 милиони евра. Со една винарница во Гевгелија и една помала во Валандово, Риго обработува 270 хектари лозја со различни видови грозје, а останатите количини се набавуваат од локални производители.

    Потоа следат и Милев ГД Тиквеш со 3,9 милиони евра и Далвина од Општина Босилово со 3,8 милиони.

    На шесто место на списокот е Бовин од Неготино, винарница со богато искуство, позната по своите премиум вина и меѓународни признанија, која оваа година остварила 3,1 милион евра приход.

    Списокот го заокружуваат Езимит ДООЕЛ Штип (3,1 милион евра), Мовино (2,8 милиони евра), Стоби (2,3 милиони евра) и Крњево (2,1 милион евра) ‒ компании со поскромни приходи, но сепак со стабилно присуство на пазарот.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КОИ ВИНАРНИЦИ ПРАВАТ ВИСОКИ ДОБИВКИ?

    На полето на добивките, сликата е уште појасна: само една винарница ја поминува милионската граница, и тоа со сериозна предност. Тиквеш пријавува добивка од 4,4 милиони евра, што е повеќе од половина од целокупната добивка на сите 10 анализирани компании.

    На второ место, пријатно изненадување е Крњево од Кавадарци, со добивка од 838,8 илјади евра. Иако работи со неколкукратно помал приход од Тиквеш, успева да задржи висока профитабилност,

    Третата винарија што бележи респектабилна добивка е Бовин, со 510,9 илјади евра ‒ винарница што традиционално се позиционира на странските пазари и има силен бренд во премиум сегментот.

    Понатаму, добивките се значително поскромни: Имако Вино (384,3 илјади евра), Далвина (270 илјади евра), Риго Импекс (185,7 илјади евра), како и уште неколку винарници на кои профитот им се движи меѓу 100 и 170 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ВО 10 ВИНАРНИЦИ ИМА ПЛАТА ЗА 614 ВРАБОТЕНИ

    Тиквеш не е само најголем производител со голема профитабилност, туку и најголем работодавач. Со 208 вработени, компанијата вработува една третина од сите луѓе во топ 10-те винарници. Веднаш зад неа е Риго Импекс, со 95 вработени, а потоа следи Имако Вино со 63 вработени лица.

    Бовин, Далвина и Стоби вработуваат меѓу 35 и 48 луѓе, а најмала по број на вработени е Аневски Винерија од Штип, со 23 лица. Иако бројките не се многу големи, сепак се клучни за локалната економија во регионите каде што се наоѓаат.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Македонската винска приказна е повеќе од производствена статистика, таа е дел од културниот идентитет, земјоделската традиција и економската мапа на земјата. Винарниците создаваат вино, но и работни места, локален развој и извозен имиџ. Секое шише што заминува надвор од границите е амбасадор на регионот од кој потекнува.

    Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично