Моделите на вештачка интелигенција се развиваат врз база на учење. Се хранат со податоци, со дела и оригинални творби. Тоа ја наметнува потребата да се знае и да се утврди како да се заштитат правата на сите што создале значајни, препознатливи содржини кои се користат и во развојот на AI.
На оваа тема е и првата епизода од поткастот New Biz, во која гостин на Наташа Велковска е експертот во областа на заштитата на интелектуална сопственост и право на конкуренција, д-р Ана Пепељугоска, адвокат-партнер во Адвокатското друштво Пепељугоски.
Проблеми има, а се водат и судски спорови, вели Пепељугоска:
„На почетокот од минатата година актуелен беше случјот на новинарите од Њујорк тајмс против OpenAI и Мајкрософт, кои ги користеле нивните текстови за моделите на вештачка интелигенција, кои работат на база на учење. Но, новинарите имале потенцијални проблеми. Овие модели го учат стилот на пишување и можат да напишат било каков текст користејќи го тој стил. Па, тој текст да биде достапен на некое трето лице кое би сакало да конкурира за некое место или да конкурира за некоја награда од областа на новинарството. И, може да ја добие на база на некој нивен текст или серија текстови. Постапката сѐ уште е во тек“.
Постапки поврзани со создавањето содржини, за тоа кој е нивниот автор и дали може вештачката интелигенција да биде автор и пронаоѓач, се водат и на територијата на Европската унија.
„Ставот на Американскиот завод за патенти, како и на европскиот, е дека вештачката интелигенција не може да биде пронаоѓач и не може понатаму низ судската пракса да биде автор на дело. Зашто, за да се биде автор, треба да има хумана димензија во создавањето на делото. Досега немаше проблем околу тоа, бидејќи е познато дека компјутерски програми се користени и во минатото, а терминот вештачка интелигенција е од 1956 година. Така што сигурно е дека во таа низа години се појавиле прашањата – кој е автор на делото, што е со компјутерските програми кои создаваат одредени бази на податоци… Значи, стојалиштето кое досега беше доминантно е дека компјутерот е алатка за создавање на делото, исто како што се четката и боите за создавање одредена слика“, објаснува д-р Пепељугоска.
Сепак, работите имаат и друга страна, па во таа насока Пепељугоска го посочува и случајот на германски фотограф и одлуката на судот во Хамбург. Се работи за фотографија што самиот автор ја ставил да биде јавно достапна, без надомест. Потоа, искористена е за модел на вештачка интелигенција.
„Одлуката е со прв степен, што значи фотографот сѐ уште има право на жалба по таа одлука. Фотографијата ја искористил модел на вештачка интелигенција за научни, не за комерцијални цели. Фактички, работел на принцип на рударење и си создавал своја база на фотографии. А, судот одлучил дека во конкретниот случај вештачката интелигенција не направила повреда на правото на фотографот. Не дека таа е автор, но не направила повреда. Зошто? Според законите во Германија, доколку фотографот сакал да не го дозволи ваквиот начин на користење на делото, требало да даде јасна декларација. Тој сигурно не помислил на тоа, но кога ја ставал фотографијата достапна без надомест, било оправдано да се очекува дека некој може да ја земе и да ја искористи. Сега, судот вели – која е разликата ако некој ја земе таа фотографија и ја стави во, например, подготовка на магистерска, што не е за комерцијални цели, и овде што ја земал моделот на вештачка интелигенција, исто така, не за комерцијални цели“.
Пепељугоска е на мислење дека одговоротна овие прашања треба да се бара во традиционалните принципи кои веќе постојат за правата од интелектуална сопственост, а биле применувани и кога се појавија онлајн медиумите и платформите за трговија, социјалните мрежи…
„Тие даваат одговори на голем дел од овие прашања. Веќе реков, актот на ЕУ е од 2024, а претходно веќе има пресуди. На пример, има од 2021 година на европскиот суд, каде што Лоботан бил странка. Имал предмет против алгоритмите на вештачка интелигенција кои ги користат онлајн платформите за да сугерираат што повеќе Лоботан чевли, кои всушност се фалсификати. Лоботан никогаш не нудел чевли преку други платформи, туку само преку сопствените синџири на продавници и преку многу ограничени можности за онлајн трговија“, наведува Пепељугоска, која смета дека „полека ќе мора да ги прилагодуваме класичните правни дисциплини да одговараат на прашањата, на проблемите и предизвиците кои ги создава вештачката интелигенција.
Адвокатско друштво Пепељугоски со децении работи на заштитата на правата од интелектуалната сопственост и има голем број странски и домашни клиенти.
„Вообичаено, при составување договори за било која од овие алатки, внимаваме клиентот да е заштитен од секој аспект на правата од интелектуална сопственост и можноста да понатаму сам, без оглед кој го создал делото за негова потреба, да може да го надградува системот, преработува, проширува…, односно да го држи во чекор со времето, зашто технологијата оди напред. Но, се појавуваат и клиенти со потпишани договори кои немаат вакви одредби, па се целосно изложени, не се заштитени. Ме радува што во последно време доаѓаат клиенти со договор направен по европски стандарди, врз кој е применливо правото, на пример, на Холандија, на Германија, но сакаат да знаат што тоа значи кај нас. До каде се изложени и што ги заштитува. Тоа значи дека сме постигнале одреден напредок во подигнувањето на свеста и кај националните компании во поглед на заштитата на правата од интелектуална сопственост“.
Меѓутоа, државата е индиферентна по тоа прашање.
„Пак ќе кажам, нашата држава треба да усвои сеопфатен систем кој ќе ја однесе заштитата на правата од интелектуална сопственост еден чекор понапред. Бевме лидери во регионот во оваа област и за жал, сега не е така. Зошто ова е ставено во втор план или не е во фокусот, навистина е нејасно. Неодамна читав дека британската администрација направила ретроспектива на претходната година и вели – заштитата на личните податоци, вештачката интелигенција, опасноста од зголемена повреда на правата од интелектуална сопственост, особено на авторското право, се сметаат за ризик фактори за британската економија, на што треба да се работи во 2025. Ако Британците кои се многу понапред од нас, имаат потреба да го детектираат ова и да речат ‘ние треба да работиме како овие проблеми да ги надминеме’, јас сметам дека ние требало досега да бидеме уште понапред“, истакнува Пепељугоска и додава: „Ние сѐ уште немаме национална стратегија за интелектуална сопственост. Изработена е пред години, но не е усвоена. Не знаеме зошто“.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast