На сметководството во Македонија му претстојат крупни промени, кои ќе стартуваат од почетокот на идната година. По 15-годишен застој ќе има усогласување со меѓународните стандарди. Направен е превод од две илјади страници, на што се работело четири и пол месеци. Процесот беше комплициран, но истовремено таа работа претставуваше голем предизвик, вели претседателката на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска. Во гостувањето на поткастот „Каде се парите?“ говори за состојбите во таа професија, која е од извонредна важност за стопанството и за државата, но се соочува со сериозни проблеми, на чие надминување се работи.
„Подобри сметководители – подобро наплатен данок. Важни сме од две причини. Едната е, ако сметководителот не ги сработи документите и не го пресмета данокот, државата нема да знае колку ќе наплати данок на додадена вредност. Ако не ја сработи завршната сметка, државата нема да знае колку ќе треба данок на добивка да се наплати. Од друга страна, сопствениците на бизниси, без сметководителот нема да знаат како сработиле и колку треба да платат данок. Важно е дека сите финансиски текови очнуваат и завршуваат со сметководителите. Важни сме, но точно е дека до скоро не се знаеше за нас, меѓутоа тука сме, се рестартира Институтот, се екипиравме, работиме во полн состав, и Управниот и Надзорниот одбор, и Собранието и комисиите, и членовите се реактивираа. Целта е малку повеќе да ја издигнеме професијата онаму каде што заслужува, односно да и го вратиме угледот“, нагласува Прентоска.
И покрај важноста на професијата, по напливот присутен пред години, сега е намален бројот на сметководителите.
„Тоа беше периодот кога за првпат се воедоа меѓународните стандарди кај нас, од 2009 до 2011, кога беа над 10 илјади сметководители. Можам да кажам, сметководството пред 20 години и денес воопшто не е исто, особено по Короната. Ова е жива материја, промените се на дневни основи, и ако не ги следиме, не можеме да кажеме дека сме конкурентни“.
Прентоска укажува дека сметководителите обожаваат да се изразуваат низ бројки, веруваат во бројките. Оттаму посочува дека првата работа на ИСОС била да ги ажурира регистрите.
„Ако базата на Институтот е околу осум илјади активни сметководители, годинава со размената со Централниот регистар беа околу 4.600 и некаде 1.780 правни субјекти. Тоа значи дека имаме колеги во фелата кои не ја работат професијата и убаво е да знаеме колку сме. Затоа инсистиравме на размената на податоци со Централниот регистар и во моментот можам да кажам, правме сѐ што можеме за да направиме простор каде што колегите ќе работат. Едното прашање е кои сме, колку сме, а другиот предизвик е квалитетот и професионалноста. Третиот дел е рамката во која работиме – условите, стандардите кои се применуваат, законските прописи… бидејќи сметководителот мора сѐ да знае. И законски прописи, и измени, процедури…“, наведува таа и додава дека на неодамнешната средба со колегите од регионот заклучиле дека се многу важни, но истовремено и многу потценети.
Освен тоа, сѐ уште работат по старите стандарди од 2009, а промените во таа област се случуваат на картално ниво.
„Институтот како обврска ги преведе стандардите, Министерството ги објави. Ако долго време не ги следите промените, многу е тешко потоа да влезете во колосек. Ќе треба поголем напор за да може да се приспособиме на најновите промени. Ако постепено ги апсолвираме, многу полесно ќе работиме. Сметководството порано и денес не е веќе исто. Сметководителот не е оној кој прави само анализа на трошоците и приходите. Сметководителот треба да ги чита бројките и да биде еден вид советник на бизнисите“, акцентира Прентоска, додавајќи дека имаат капацитет и работата ќе биде навреме завршена.
Вели, како и во другите, така и оваа професија старее, а тешко се привлекуваат младите, за што е потребно прво да се врати нејзиниот углед.
„Статистиките што ги имаме, околу 50% од членството е меѓу 35 и 55 години. Се соочуваме со предизвикот како да ги привлечеме младите, кои се енергични и посветени на дигитализацијата и глобализацијата. Македонија е единствената земја во регионот која не е членка на IFAC – Меѓународната сметководствена федерација, а сакаме да сме таму и во моментот првиме напори да ги исполниме сите нивни барања, предуслови и стандарди за да станеме членка. Добро е што во тој процес сме сите вклучени, ја имаме поддршката од сите, меѓутоа за да ги привлечеме младите треба да го подигнеме угледот на професијата. Младите не сакаат да работат во нерегулирана професија, значи мора да воведеме дигитализација, мора да ги воведеме стандардите. Како Институт гледаме да ги овозможиме сите инструменти кои ни стојат на располагање, за тоа да им го олесниме на колегите. Од нив, според статистиките, околу 27% се над 55-годишна возраст. Тие ја имаат основата, го имаат искуството. Точно е дека ќе биде потребен екстра напор во периодот кој следи, но мислам дека сите заедно сакаме да одиме напред и квалитетот на услугата да го подигнеме на повисоко ниво.
Воедно, појаснува, за некое лице да се добие уверение за сметководител треба да има завршено факултет од областа на економија и менаџмент и да има одредено искуство. Според законските одредби, од идната година треба да се воведе обврска за полагање, што е согласно светските критериуми и со тоа ќе се издигне професионалноста.
„Според кодексот на Меѓународната сметководствена федерација четири правила се за некој да може да биде добар сметководител – интегритет, објективност, компетентност и професионално однесување. Со промените не би рекла дека се затегнува професијата, колку што повеќе се оди на свесноста, бидејќи сметководителот работи за јавен интерес. Сметководителот е единствената алка меѓу бизнисот и стопанството и тоа е комплексен процес. Ако една алка не функционира, цел систем ќе се распадне“, нагласува Прентоска. Притоа, додава дека со измените најмногу се засегнати големите и средните компании, односно сметководителите што работат со нив. А, задача на Институтот е добрите сметководители да ги направи уште подобри, а тие кои се помалку добри да ги приближи кон добрите.
Први јануари 2025 е рокот кога сметководителите треба да се усогласни со новите стандарди. Претседателката на ИСОС смета дека работата ќе се заврши навреме.
„Ова е инклузивен процес во кој има повеќе засегнати страни и повеќе институти кои се вклучени. Ако сите ја одработиме нашата задача, може да се стигне. Со добра организација, добра комуникација, со добар дијалог, со добра едукација, сѐ ќе се постигне. Комуникацијата на сите засегнати институции е на солидно ниво, и на крај, бебефитот ќе биде за сите. Најмногу за сметководителот како поединец, меѓутоа и за сите вклучени во процесот. Вклучени се повеќе институции, дел државни, дел се здруженија и верувам дека тоа ќе успееме да го направиме. Сите имаме капацитет да си го сработиме нашиот дел и ако вложиме максимално, ќе успееме“, уверена е таа.
Исто така, обазложува дека на 1.1.2025 почнува примената на стандардите, а нивната имликација ќе биде на крајот од таа година. Ефектот, пак, од нивната примена ќе се види дури на почеткот од 2026. „Имаме многу добри сметководители кои и досега се соочувале со многу поголеми предизвици, како што се промена на закони еден ден пред завршна сметка, така што ова не е нешто што нема да го апсолвираме“, тврди Прентоска.
Важен е и фактот – работењето по меѓународните стандарди резултира со добра заработувачка.
„Без сметководител не можете ништо да направите и во бизнис финансиите и во личните финансии. Секој што сака да понуди квалитет, ќе си понуди цена. Пазара економија е, сите сакаат да бидат навремено информирани со навремени известувања, навремени коефициенти, со навремени препораки. Ние треба најголемиот дел од работата сами да ја завршиме, да се наметнеме на бизнисот, кој сѐ повеќе ќе не доживува како партнер, затоа што сфаќаат дека секоја бројка во денешно време е битна. Одлуките веќе се носат на дневна основа, нема веќе планирање како порано. Порано беше бизис план за пет години, а сега може да го правите на три месеци“.
Новата динамика и сите промени се појавувааат во време на Короната, вели Прентоска, посочувајќи дека тогаш се наметна дигитализацијата.
„Се смени известувањето, не е основата само приходи и расходи, туку треба да се види структурата, да се види типот на приходите, на расходите, како растат… бидејќи имаше промени во сите сфери. Се зголемуваа цените, немаше доволно производи. Фирмите беа засегнати како да опстанат. А сето тоа требаше брзо да биде имплементирано во сметководството, бидејќи билансите се тие кои ни кажуваат како функционираме. Тоа е крвотокот на една фирма. И штом се прилагодивме на тие измени, мислам во иднина многу полесно ќе ги прифатиме сите други промени“, смета Прентоска и додава дека Короната е битен момент за промените во економијата. Што се однесува до сметководителите, вели дека самите се прилагодувале, бидејќи ја немале помошта од државата во делот на субвенциите, како што имаа трговските фирми и производителите. И покрај тоа, потенцира, „одговорноста што ја има сметководителот е голема и ние многу добро одговоривме во тој период“.
За меѓународните сметководствени стандарди укажува дека се применуваат насекаде.
„Тој што работи во Мекедонија сметководство и известува по меѓународни сметководствени стандарди, може да ги чита и европските и стандардите од афричките земји. Бројките како меѓународен јазик сите го разбираме и кога има унифициран начин на известување е многу поедноставно. Многу е поедноставно и за бизнисот и за банките кога ги читаат извештаите за да дадат кредит, и за извозно ориентираните фирми или за тие што сакаат да увезуваат. Преведувањето на стандардите беше по барање на Советот на странски инвеститори. Тоа значи дека и странците што ќе доаѓаат кај нас ќе знаат дека имаат унифициран начин на известување и работење. Пред сѐ, тука се мисли на професионалното рапортирање, на објективноста и на транспарентноста“.
Поквалитените услуги претпоставуваат и повисока цена.
„Можам да кажам дека ќе се зголеми квалитетот. Зголемен квалитет носи и зголемена цена… Работата е како сметководителот ќе се постави, како ќе се договори, се работи за однос меѓу сметководителот и сопственикот на бизнисот. За секој има простор и пазар. Некој сметководител може да остане таму каде што е, а некој сака да напредува. Овие измени се за средните и големите компании, а 60-65% од сметководителите работат со големи фирми и средни фирми. Другиот дел се сметководствени бироа кои ги опслужуваат помалите фирми“.
Преведените сметководствени стандарди добиле потврда од Меѓународната федерација за финансиско известување од Лондон, од каде што и дале зелено светло за нивното објавување.
„Но, тоа е жива материја. Како се менуваат потребите на стопанствениците, така се менуваат и стандардите. Се оди во насока на олеснување на бизнисите и подобро разбирање на бројките. Последните трендови што се наметнуваат е дека не е само финансиското известување, туку се става фокус и на нефинансиското известување, односно на толкувањето на бројките – како работи фирмата, како се одржува, како расте… Нефинансиското известување и тоа како се неметнува, прво во земјите од Европа, а сега и во земјите од Балканот“, вели директорката на ИСОС.