ПОВЕЌЕ

    УВОЗОТ НА РАБОТНА СИЛА СТАНА РЕАЛНОСТ НА БАЛКАНОТ: Домашните заминуваат, странците ги пополнуваат местата

    Време зa читање: 7 минути

    Има голем број невработени, а нема работници. На годишно ниво во Македонија кусокот е околу десет илјади, а недостигот најмногу се чувствува во градежништвото и туризмот. Со години наназад квалификуван кадар ја напушта државата во потрага по повисоки плати и сигурна егзистенција. Се чини, проблемот кулминира, па почна гласно да се зборува за потребата од увоз на работна сила. Појава која веќе е присутна во регионот и покажува дека некаде во светот владеат уште полоши услови за работа и живот.

    За тоа дека и домашниот терен е „гладен“ за странски работници прв проговори вицеперемиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. За актуелниот проблем веќе се дискутира во Владата, но се уште не е дефинирано од каде би се увезувала работната сила, а не се утврдени ниту квоти. Сепак, според него, првично би требало да се оди кон привлекување лица од регионот.

    Понудата на нашиот пазар на трудот не ги задоволува потребите на стопанството. Долг период наназад, најчесто на крајот од учебната година кога генерациите го завршуваат основното образование, јавно се сугерира учениците да одберат стручно средно училиште. Очигледно, на тоа поле треба многу повеќе да се работи, затоа што гимназиите се убедливо првиот избор. Меѓу нив и средното медицинско училиште и – толку.

    КАЈ НАС ВЕЌЕ РАБОТАТ СТРАНЦИ

    Исто така, АВРМ објавува повици за обуки за преквалификација и доквалификација, но и за тоа е потребно време. Затоа, празнината мора да се надомести со „увоз“. Од сознанијата произлезени од комуникацијата со стопанските комори, вицепремиерот посочи дека најзагрозени се градежништвото – ниско и високоградба, но и хотелиерство и туризмот. Причината за тоа е што се зголеми сезонската миграција, при што особено е голем одливот кон Хрватска и Словенија. Поради тоа, лани биле ангажирани 5.300 дојденци.

    Состојбата, призна вицепремиерот, покажува дека нашата економија досега не се развивала како што треба, односно развојот одел со ниски стапки. Оттука и паралелата што ја посочи – кај нас просечната плата сега е 550 евра, а таму каде што одат луѓето да работат е 1.100 евра. „Во земјите, пак, од кои најверојатно ќе доаѓаат тука работници за во рударство или градежништво, е во просек 200 евра“.

    Сепак, рече, примарно е работната сила да се обезбеди од домашниот пазар, односно невработените сограѓани да се приспособат за да одговорат на потребите на пазарот на труд. Што би требало да значи дека ќе се прават потези за стимулирање на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија. Притоа, ќе мора да се размислува и за бирократските процедури, на кои странците, постојни или потенцијални инвеститори, се уште имаат поплаки.

    ВО СРБИЈА СЕ РЕКЛАМИРААТ РАБОТНИЦИ ОД ШРИ ЛАНКА И ИНДИЈА

    Во регионот, пак, на големо функционира увозната активност од овој вид.

    Во Србија бројни е агенциите кои по „поволни цени“ посредуваат за вработување од странство, од пронаоѓање работници, тестирање на нивните вештини и познавање на англискиот јазик, организација на патувањето, обезбедување визи, дозволи за работа и престој, па се до обезбедување правна помош за засегнатите страни. Со гаранција дека засилувањето ќе стигне за најмногу два до три месеци.

    Агенците ја рекламираат својата понуда. На пример, работниците од Шри Ланка се опишуваат како извонредно вредни ентузијасти, а трошоците за нив се „слични или пониски од домашните вработени“. Индија, Бангладеш и Непал располагаат со различни профили и голем избор за физичка работа во магацини, во градежништво, во фабрики, но и возачи во различни категории, како и за угостителството – келнери, собарки, рецепционери.

    Кај соседот најбројни се работниците од Турција ангажирани во градежништвото, а во делот на нискоградбата и патиштата се користи сила увезена од Азербејџан. Во рудниците, пак, работат Кинези.

    Исто така, Србија многу надежи полага во иницијативата Отворен Балкан, со што полесно ќе се доаѓа до потребниот кадар.

    Во Црна Гора лани биле издадени 27.688 работни дозволи, односно седум илјади повеќе од 2021. Добар дел од нив – 7.260 се издадени на руски државјани. Водечката тројка ја сочинуваат и Турците и Србите со по над пет илјади лица кои вадат леб во Црна Гора. Речиси две илјади се од Косово, па следуваат работниците од БиХ, Албанија, Украина, а нашите 693 работници се на осмото место, по кои следат Белорусите и Кинезите.

    Од издадените дозволи, речиси 82 проценти се за градежништвото, услужните дејности, за сместување и исхрана, за информирање и комуникации, како и за работа во трговијата. Слободни работни места има и во туризмот и угостителството, во здравството, а дефицит има и кај образовниот кадар.

    Во Босна и Херцеговина исто како кај нас, стапката на невработеност е висока, а состојбата е алармантна. Проценките се дека во наредните пет години ќе мора да се увезат 150 илјади странски работници. Компаниите веќе се ориентираат во тој правец, но властите засега не понудиле конкретни решенија. Тамошните економисти, пак, за надминување на проблемот, освен увозот на работна сила предлагаат и роботизација на производството.

    Инаку, евиденцијата на Службата за работа со странци покажува дека во БиХ засега има 10.503 дојденци, кои се распоредени во градежништвото, трговијата, во секторот на недвижности, во преработувачката индустрија… Најбројни се Турците, на кои не им требаат визи. Но, ова не е доволно за да се пополни јазот настанат по заминувањето на домашната работна сила. Оттаму и барањата на компаниите да се направат законски измени, со што ќе се овозможи прилив на лица од земјите на т.н. трет свет. Освен тоа, долги се и процедурите за „увоз“ – од шест месеци до една година.

    СЛОВЕНИЈА НАЈПРИВЛЕЧНА

    По влезот во ЕУ, Хрватска се соочи со одлив на работна сила во повеќе дејности: градежништво, бродоградба, туризам и угостителство, култура, сообраќај, здравство, во прехранбената, преработувачката и металната индустрија, во аграрот и шумарството, во ИТ секторот. Затоа, таму веќе има над 115.000 странци со дозволи добиени од тамошниот МУП, дојдени преку агенциите за посредување, кои се 424 на број и за привремено вработување, кои засега ги има 448. Увозот без квоти почнал во 2021 година.

    Според достапните податоци најбројни се дојденците од БиХ – 34.443, па следуваат Србите – 18.238 Непалците – 11.212, Македонците – 9.594 и Косовците – 8.333. Тоа е првата петорка, но има и работници од Филипини, Непал, Индија, Бангладеш…

    Словенија е најпривлечната земја за луѓето од Балканот. Годишно се потребни 20 илјади работници. Статистиката вели, 40 илјади лица заминуваат во пензија, а околу 20 илјади нови доаѓаат на пазарот на трудот. Разликата не може да се совлада со домашни сили. Затоа и тамошните стопанственици бараат државата да се прилагоди и да пристапи кон поедноставна постапка за издавање дозволи на странците. Уште во 2017 година биле потпишани посебни договори со БиХ и со Србија за „увоз“ на работен кадар. При крајот на минатата година таму се регистрирани 46.210 работници од БиХ и 5.383 од Србија. А, работни дозволи се издадени на повеќе од 71 илјада дојденци.

    Што се однесува до безбедноста, кандидатите се должни да достават потврда за неосудуваност, да минат психолошки тестови и од својата земја да приложат медицински извештај. И покрај мерките за претпазливост, секаде се појавуваат проблеми, не само од страна на лицата кои доаѓаат во туѓина (по истекот на дозволата остануваат на „црно“), туку и кај агенциите и работодавачите. Тоа се толкува со недоволната среденост на пазарите за странска работна сила и со отсуството на политика за миграција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично