ПОВЕЌЕ

    Увид во провизиите со еден клик – Што се (не) се наплаќа и колку чинат банкарските услуги

    Време зa читање: 4 минути

    Банкарските провизии и надоместоци на едно место. Народната банка им овозможи на граѓаните да имаат увид во цените што ги пресметуваат тринаесетте банка за своите услуги. Сите податоци ги има на веб страницата на централната банка, а ќе бидат ажурирани доколку се случат промени, со цел коректно и правовремено информирање на корисниците. Кои, пак, доколку забележат несовпаѓање, можат тоа да го пријават на [email protected]

    Се работи за најрепрезентативните, односно најчесто користените услуги кои се поврзани со платежната сметка. Од Народната банка се утврдени по направената анализа на навиките и потребите на корисниците.

    Банкарските листи се долги – одржување трансакциски сметки, користење е-банкарство, аплицирање за кредит…, но може да се забележи разноличност и во пристапот за тоа кои услуги (не) се наплаќаат и во висината на износите. Затоа, како пример ги наведуваме двете најкористени, односно основни услуги од понудата на трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ.

    Најосновната услуга е водењето на денарските платежни сметки на граѓаните. За ова Комерцијална банка наплатува 35 денари месечно, а за сметките на пензионерите – 25 денари.

    Тарифите на Стопанска банка за редовните клиенти се минимум 30, а максимум 40 денари, додека за пензионерите – најмалку 20, а најмногу 30 денари.

    Водењето трансакциска сметка во НЛБ банка, со вкупен промет до 500 денари е бесплатно, а со промет над 500 денари е 40 денари. Сребрентаа трансакциска сметка на пензионерите со вкупен промет до 500 денари е истотака без надомест, а над тој износ – 35 денари месечно.

    Банкарските услуги, поврзани со платежните сметки, често се користат и онлајн. Во Комерцијална месечниот надомест е од 25 до 35 денари. Стопанска банка за тоа пресметува 35 денари доколку истовремено се користи и интернет и мобилна апликација. А, во НЛБ се што е поврзано со Мини клик и со Макси клик е бесплатно.

    Од Народна банка посочуваат дека „давателот на платежните услуги е должен на потрошувачот да му даде информација за надоместоците за најчесто користените услуги во форма на Информативен документ за надоместоците (ИДН), пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со склучување на рамковниот договор“.

    Не е непознато дека банките инкасираат милионски суми од провизиите и надоместоците. Повеќе од сто милиони евра беше нивната ланска заработка по оваа основа. А, само трите посочени банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ, во првата половина од годинава заедно имаат наплатено речиси 27 милиони евра.

    Многу често, граѓаните како корисници на услугите, негодуваат за провизиите што им се наплаќаат. Оттаму и иницијативата на група пратеници да се забрани наплатата на дел од банкарските трошоци.

    Списокот што тие го предлагаат за тоа што се треба да се забрани за наплата е исто така долг. Меѓу другото, наведени се: отворање, водење, одржување и затворање на трансакциска сметка, на денарски и девизни сметки, на платежна картичка, ажурирање на личните податоци на корисниците на платежните услуги, промена на дневен лимит, промена на пинови, аплицирање или промена на дозволено пречекорување, понатаму услугите поврзани со е-банкарство, СМС известувања, безготовински трансакции и плаќања преку КИБС и МИПС, проверка на состојба на банкомат…

    Со цел, како што посочиле предлагачите, да се заштитат граѓаните и фирмитепреку регулирање на банкарските провизии и другите давачки поврзани со одобрување кредити, одржување трансакциски сметки и плаќања, а не тоа да се остави на интерните политики на банките кои согласно Законот за платежни услуги и платни системи ги уредуваат и јавно објавуваат.

    Конкретно, до Собранието на 12 јули е доставен Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи. Со одредби кои се однесуваат и на правните и на физичките лица. Неколку дена подоцна, на 18 јули, овој текст беше ставен на дневен ред на 120 собраниска седница. Сепак, и по седумте одржани продолженија, оваа точка се уште не е разгледана, иако предлагачите побарале да се донесе во скратена постапка.

    новинар:

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично