ПОВЕЌЕ

    УШТЕ ЕДНА ШАНСА ЗА ФИНАЛЕ: Осми анекс за автопатот Кичево–Охрид: нови 186 милиони евра и рок до мај 2027

    Време зa читање: 3 минути

    По повеќе од една деценија градба, автопатот Кичево–Охрид повторно добива нов рок и нова финансиска рамка. Собранието со 63 гласа „за“ ги изгласа законските дополнувања што овозможуваат потпишување на Анекс бр. 8 на договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“, со што се отвора пат за дополнителни 186 милиони евра и пролонгирање на рокот за завршување до 31 мај 2027 година.

    Со анексот, рокот за изведба се продолжува за 151 ден, односно од 4.627 на 4.778 дена, а дополнително се обезбедува време и за добивање употребна дозвола. Во образложението се наведува дека пролонгирањето е поради непредвидени и дополнителни работи – стабилизација на свлечишта, изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европски стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта и контролен центар за тунелите.

    Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека со овој анекс „конечно ќе се заврши автопатот“, нагласувајќи дека дел од проблемите произлегуваат од тоа што при изработката на првичниот проект во 2013 и 2014 година не биле направени соодветни геотехнички истражувања. Токму поради тоа, како што рече, се јавиле дополнителни свлечишта и потреба од нови технички решенија.

    Надзорот – Градежниот институт Македонија – оцени дека рокот до 31 мај 2027 година е технички оправдан и реално остварлив, но под услов изведувачот да обезбеди добра организација, а инвеститорот навремено финансирање. Продолжувањето на рокот е во согласност со правилата на FIDIC Red Book, кои дозволуваат пролонгирање во случај на значителни промени на обемот на работите.

    Проектот, чија изградба започна во мај 2014 година, првично требаше да биде завршен до јануари 2018 година, со договорена вредност од 411 милиони евра за 56,7 километри автопат. Со анексите што следеа во изминатите години, вредноста на договорот беше зголемена за околу 187 милиони евра, а рокот пролонгиран за шест години, до крајот на 2023 година. Со новите 186 милиони евра, финансиската конструкција дополнително се проширува.

    Според податоците на ЈП за државни патишта, заклучно со крајот на минатата година реализирани се 557.985.782 евра, што претставува 93,3 проценти од тогаш предвидената вредност. До ноември 2023 година инвестициите достигнаа приближно 575 милиони евра. Дел од трасата веќе е пуштен во употреба – во јули лани беа отворени 20 километри од Врбјани до Ботун, а во септември уште 17 километри од Климештани до Охрид.

    Ревизијата на Државниот завод за ревизија укажа дека во периодот од 2018 до 2021 година биле направени пет измени на основниот договор, со што рокот бил пролонгиран, а вредноста зголемена за 45 проценти. Ревизорите констатираа 42 варијации поради измени во проектната документација, кои произлегле од недоследности во основниот проект и од потребата за усогласување со реалните геолошки услови на теренот.

    Изградбата на автопатот е финансирана претежно со заем од кинеска банка во вкупен износ од 685 милиони долари – 505 милиони долари основен заем од 2014 година и дополнителни 180 милиони долари од 2019 година, со државна гаранција.

    Со Анекс 8, изведувачот се обврзува да се откаже од досегашни и потенцијални идни барања за надомест до 31 декември 2026 година, што според Владата треба да внесе поголема финансиска извесност во проектот.

    Автопатот Кичево–Охрид, долг 57 километри, останува еден од најголемите и најконтроверзни инфраструктурни проекти во земјата. По единаесет години изградба, прашањето повеќе не е само кога ќе биде целосно завршен, туку дали новиот рок до мај 2027 година конечно ќе значи и негово дефинитивно затворање како инвестиција што ја одбележа една деценија од македонската инфраструктурна политика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично