За задоволување на сите потреби во државата, а без да користи руски гас од гасоводот со Бугарија, потребно е да се ослободи проток на 200 милиони нормални метри кубни природен гас. Тогаш ќе се дојде до нула потрошувачка на руски гас, укажа министерот за економија Крешник Бектеши, што најверојатно ќе биде на штета на некој снабдувач, но е во интерес на граѓаните. Кои, според министерот, треба да се спокојни, затоа што на ослободените количини гас нема да има никакво влијание воведувањето на таксата од 10 евра.
Воедно, посочи дека 800 милиони нормални кубни метри гас, како капацитет што ги има гасоводот, лани биле зголемени со дополнителни 180 милиони нормални метри кубни кои не се закупени од „Газпром“. Дополнителните количини се доволни за снабдување на топланите и на дел од индустријата, но не и за најголемиот потрошувач на гас ТЕ-ТО.
„За топланите и за дел од индустријата новите 180 милиони се доволни, но имајќи ја превид потрошувачката на целата држава, сметам дека е нефер пристапот од бугарската страна да воведе такса од 10 евра за транспорт на руски гас, ако на руската компанија ’Газпром’ и ги има дадено под закуп тие 800 милиони нормални кубни метри до 2030 година“, рече Бектеши во одоговорот на новинарските прашања по посетата на „Пивара Скопје“, каде беа заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
Во Македонија потрошувачката е околу 400 милиони нормални метри кубни гас, а речиси половина од тие количини веќе се ослободени. Другата половина, според министерот, мора да биде снабдувана од „Газпром“ или со нивна дозвола да се користат други снабдувачи. Конкретно, преку ослободените капацитети на гасоводот државата се снабдува со азербејџански природен и со ЛНГ гас од САД, но и од други земји преку терминалите во Турција и Грција.
Воедно, нагласи, веќе се направени пресметки, затоа што снабдувачот кој има директен договор со „Газпром“ почнал со зголемувањето на цените за 10 евра со вградување на бугарската такса. Во земјава има две фирми – снабдувачи кои користат само руски гас, кои стануваат неконкурентни на пазарот.