Во светот на глобалниот капитализам, бројот на милијардери постојано расте – но образовниот пат на најголем дел од нив минува низ ист круг на универзитети. Иако географски и институционално различни, овие академски центри имаат заеднички обележја кои ги прават расадници на деловна елита.
Во претходниот текст Пари веќе пишуваше за тоа каде се школувале најбогатите луѓе на светот, односно за десетте универзитети од каде што произлегле најмногу милијардери. Истражувањата покажуваат дека универзитетите како Харвард, Станфорд, Пенсилванија, МИТ и Јејл во однос на другите имаат непропорционално голем број на поранешни студенти кои подоцна станале милијардери.
Каде се школувале најбогатите луѓе на светот: Топ 10 универзитети што создале најмногу милијардери
Станува збор за институции кои не само што нудат квалитетна настава, туку имаат создадено специфичен екосистем кој ги поттикнува амбицијата, претприемништвото и вмрежувањето. Во топ 10 се и Колумбија, МИТ, Корнел, индискиот Универзитет на Мумбаи, кинескиот Цинхуа и Њујорк Универзитет.
Зошто токму овие универзитети се „расадници“ на милијардери?
Затоа што нудат врвна настава и пристап до финансиски и истражувачки ресурси; студентите имаат можност да се поврзат со влијателни поединци и организации; отворени се за иновации и го поттикнуваат претприемничкиот дух.
Или, овие универзитети имаат сѐ што е потребно за развој и на научната мисла и на практичните вештини. Поседуваат значителни финансиски средства, истражувачки капацитети и глобални партнери. Тоа овозможува пристап до врвни професори, современи лаборатории и уникатни програми кои ги комбинираат теоријата и практичната примена. Воедно, многу од нив имаат инкубатори за стартапи, фондови за ризичен капитал во рамките на кампусот, како и програми за соработка со водечки компании. За студентите ова значи директен премин од академската средина во реалниот бизнис свет.
Еден од највредните ресурси што овие универзитети го нудат е – мрежата на контакти. Поранешни студенти, професори и донатори често се дел од глобалната економска и политичка елита. Таа поврзаност отвора врати што остануваат затворени за повеќето млади луѓе низ светот, без оглед на нивниот талент.
Многу од познатите бизнис партнерства започнале токму во студентските денови – како што е случајот со Google, Facebook, LinkedIn и бројни други компании кои биле основани од студенти и поддржани од универзитетскиот систем.
Култура на ризик и претприемништво
Универзитетите од оваа листа не го казнуваат неуспехот. Напротив, го охрабруваат ризикот. Се поттикнуваат иновации, експерименти, обиди и грешки, излез од зоната на комфорот и тестирање идеи на пазарот. Тоа е фундаментален дел од секој сериозен претприемачки процес.
И, кога ќе се направи спојот на оваа култура со финансиската поддршка, со контактите и со глобалниот пристап до инвеститорите, не е изненадување што токму од овие институции произлегуваат луѓе кои подоцна градат компании вредни милијарди долари.
Осум од десетте расадници на милијардери се американски. Иако САД доминираат на оваа листа, присуството на високо образовните институции како Универзитетот на Мумбаи и Цинхуа од Кина укажува дека моделот може да се реплицира и надвор од англосаксонскиот свет. Секако, под услов да се обезбедат соодветни услови: академска слобода, ресурси и поврзаност со економијата.
Образованието не е единствениот фактор пресуден за да се стане милијардер. Сепак, овие универзитети обезбедуваат средина која го поттикнува успехот – системски се поставени да негуваат талент, да го поддржат ризикот и да го поврзат знаењето со капиталот. Нивниот модел не е едноставен, но е јасен: кога амбицијата ќе се најде во вистинската средина – резултатите се глобално видливи.