Парите не се на врвот од бизнис приоритетите. Суштински е да се пристапи кон сериозни реформи и кон намалување на сивата економија. Кредитите можат да помогнат, но не ги решаваат проблемите. Ова се дел од посочувањата на деловната заедница на темата унгарски кредит, додека експертската јавност предупредува дека со низок раст секоја камата е висока и државата е во загуба.
За почеток – еве поддршка од нас како држава, рече премиерот Христијан Мицкоски и ги наведе обврските што произлегуваат од евтините 250 милиони евра што ќе ги добие бизнисот: од сопствените средства да инвестира барем уште толку, годишно да креира најмалку пет илјади нови работни места и да обезбеди раст на производството за пет проценти повисок од стапката на инфлација. Условите за користење на овие пари се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот. Според Мицкоски, сегашните услови на пазарот се најмалку за двапати полоши.
„Под тие услови, во секој случај средствата ќе се поповолни од постојните кои се достапни на финансиските пазари во нашата земја. Меѓутоа, ние како Стопанска комора сметаме дека на македонското стопанство му фали структурна реформа. Средствата не се единствени, значи фали регулатива, дигитализација… фалат можности за инвестирање. На пример, денес некој и да ви даде средства, тешко ќе најдете адекватна локација да изградите индустриски објект, тоа еден од најголемите проблеми. Од една страна се претставуваме пред странските инвеститори, им нудиме локации…, а од друга страна македонските компании кои сакаат да инвестираат се оставени во една многу непријатна ситуација – евентуално, доколку се одлучат за инвестирање, да плаќаат енормно високи износи за купување локација и изградба на индустриски објект“, вели претседателот на Сојузот на стопанските комори, Трајан Ангелоски.
Говорејќи за проблемите со кои се соочува бизнисот во Македонија, посочува – трае цела вечност обезбедувањето на целокупната документација за локација, за инфраструктура и изградба.
„Сметам, да – парите ќе бидат одредена помош, но дали ќе го решат проблемот, дали ќе овозможат економски бум, искрено, не верувам. Бизнисот е комплексна материја, не е едноставна состојба која брзо се решава. Условите за работа во бизнисот се деликатни, некогаш зависат од локалните услови, некогаш од интернационалните, некогаш од глобалните… Така што брзи решенија и брзи одговори не очекуваме“, додава Ангелоски.
Воедно, нагласува, треба да се направи сериозна агенда, особено во реформскиот дел.
„Особено треба да се работи на намалување на сивата економија. Закон за финансиска дисциплина постои, но никој веќе не го практицира, пред сѐ, државата не го практицира. Значи, државата треба да се научи дека треба да им плаќа на сите останати за 30 дена и да бара од сите останати исто така да плаќаат во релативно брзи рокови. Доколку ова се овозможи, сивата економија, дисциплината во плаќањата… може да очекуваме позитивни резултати. Меѓутоа, само со кредитни средства… Ние и досега имаме понуда на кредити. Точно, овие кредитни средства се поповолни, но последниве години не биле никогаш кредините средства на прво место во однос на приоритетите на бизнисот. Така што, сметаме – да, ќе помогнат, меѓутоа треба да се завртиме кон другите стратешки цели – реорганизирање, изградба на инфраструктура. Во 21 век не можеме да бидеме без железница“, потенцира првиот човек на ССКМ, укажувајќи на лошото искуство на една од членките на Комората, чија стока неколку дена била заглавена во товарниот воз кој се расипал некаде по шините низ земјава.
Другата половина од унгарскиот заем е за општините, кои ќе конкурираат со проекти, со чија реализација ќе се олесни и подобри животот на граѓаните. Реакциите од упатните се дека државата се задолжува на „невидено“, затоа што власта во овој кус период немала време за утврдување на потребите во локалните единици.
За да се спремат сериозни проекти, кои ќе можат да повлечат пари и да имаат успешна реализација е потребно време, смета поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, кои посебно нагласува дека е примарно каде и за што ќе отидат тие 250 милиони евра.
„Кои се тие проекти? Кога ги спремија градоначалниците за да повлечат сега 250 милиони евра? Зборувам за сите, не е важно дали се градоначалници од едната или од другата партија. Во поголемиот дел од општините се од ВМРО-ДПМНЕ. Потребни се сериозно разработени проекти, кои ќе дадат повеќекратни ефекти“, вели Хајредини.
Освен тоа, укажува дека состојбата е неповолна поради тоа што економскиот раст во Македонија повеќе од 30 години не може да се одлепи од стапката од два проценти. Вели, што би правеле доколку не се задолжуваме, но тоа треба паметно да се одработи, затоа не е толку битна каматата, колку што е важно како ќе се троши позајменото.
„Во такви услови да се задолжуваш во странство и да плаќаш камата од три-четири проценти, тоа е загуба за државата, како парите да се фрлени и нема ефекти. Да земеш пари од странство и со пет проценти, но да ги вложиш каде што ќе имаш седум проценти добивка, да го вратиш кредитот и да ти останат. Кога се потпишува државата, странските инвеститори даваат пари. Што и да се случи, тие пари мора да се платат“, вели Хајредини и додава дека досега најголемиот дел од земените кредити се употребиле за враќање на претходно направените долгови.
Одделни економисти сметаат дека на Владата треба да и се даде шанса. Ништо не се работи набрзина, има време од 15 години за инвестирање и за оплодување на парите од кредитот. Но, и тие предупредуваат дека треба и мора да се гледа кој, каде и зошто ги употребува средствата.
Вратата за заеми од Унгарија е отворена. Премиерот најави дека е можно оттаму да се бараат пари и во јануари, кога ќе дојде за наплата една од еврообврзниците. Станува збор за еврообврзницата издадена во јануари 2018 година, со износ од 500 милиони евра и каматна стапка од 2,75 проценти. Тогаш министер за финансии беше Драган Тевдовски и беше нагласувано дека тоа е „историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија…“. Исто така, се правеа споредби со претходно издадените пет еврообврзници, чии камати се движат меѓу 3,975 и 9,875 проценти. За потсетување, таа еврообврзница беше издадена за покривање на буџетскиот дефицит, но и за отплата на претходните долгови, меѓу кои и за првата рата на PBG-кредитот земен од властите во 2013, во износ од 95 милиони евра.
Очигледно е дека обврзницата што доаѓа за наплата е со пониска каматна стапка од унгарскиот кредит, но како што велат економистите – не треба државата само да се товари со нови задолжувања и да отплаќа кредити, туку и да се офајди од нив.
М.А.
Аналитика








