ПОВЕЌЕ

    Училишните ѕвончиња ѕвонат селективно: Ќе седнат ли утре децата со попреченост во школските клупи?

    Време зa читање: 9 минути

    Училишните ѕвона во основните училишта во земјава сѐ уште не ѕвонат за учениците со атипичен развој. Проблемот со ненавремено спроведената процедура за ангажирање образовни асистентити го продолжи нивниот распуст. Министерката за образование минатата недела тврдеше – до вторник работата ќе се среди, но родителите имаат информација дека нивните деца ќе можат да ја посетуваат наставата најрано од четврток.

    Состојбата во која се создаваат разлики меѓу децата задира во ингеренциите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), кои во реакцијата упатена до МОН посочува на ставот од Комитетот за правата на лицата со попреченост при ООН: „инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици“.

    Родителите, кои уште од раѓањето на децата водат секојдневни и макотрпни битки со системот, деновиве се исправени пред уште еден проблем – како да им објаснат на своите чеда зошто не можат да седнат во училишните клупи.

    „Ги повикуваме сите родители и ученици на кои им е оневозможено правото на образование, да ја пријават дискриминацијата до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а Комисијата по службена должност ќе се обрати до училишта со ресурсен центар за да ја утврди фактичката состојба со процесот на селекција и склучување на договори за работа со образовните асистенти“, порачаа од КСЗД.

    НАЈНОВ ПРИМЕР ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА

    Сепак, гласот не го креваат сите родители, вели Зоран Мијалков од Штип, самохран родител на две деца со атипичен развој. Татко е на 20-годишниот Петар, кој има освоено медал во бочање, сакал да тренира и фудбал, но поради дискриминација од страна на клубот, тоа за него не било можно. И на 13-годишниот Никола. Помалиот син, кој е ученик во шесто одделение, многу е вознемирен поради тоа што за него сѐ уште не е почната учебната година. Многу е дружељубив, а добил и медал за добар другар на летниот камп.

    Освен што се грижи за нив, Зоран го предводи и Здружението „Сплотени срца“, кое за над три илјади семејства на деца и возрасни со посебни потреби, со инвалидитет или ретка болест претставува надеж дека со заеднички сили ќе можат нешто да направат и поправат.

    Посочува дека децата се дискриминирани во рамките на образовниот систем, а последните случувања се најсвеж пример за тоа.

    „Најнов пример е дискриминацијата која се направи со прекинот на договорите за работа на актуелните асистенти. Со самото тоа, нашите деца место во училишните клупи од првиот училишен ден како сите типични деца, седат дома“, реагира Мијалков.

    Смета дека за тоа е одговорно ресорното Министерство, а тврди дека е „сол на рана“ повикот на министерката Весна Јаневска, децата со попреченост да почнат да одат на училиште затоа што училиштата се должни да ги примат.

    „Пропустот е на Министерството за образование и наука. Ненавремено распишаа огласи за продолжување на договорите за работа на актуелните асистенти, а имаа цело лето за тоа.

    МОН, буквално, со ова ни ставаат на раната сол и се покажуваат како тотално без чувство за децата со посебни потреби. Затоа што, ако барем прашале некој стручен или нас родителите, ќе знаеле дека нашите деца имаат рутини и нарушување на рутините. Во овој случај, без асистентот кој го прифатиле може да им направи страшен регрес“, објаснува самохраниот татко кој, како што вели, 20 години се труди за правата на своите деца и исто толку да ги анимира родителите кои минуваат низ истите страдања, но молчат.

    Зоран со синовите: Институциите се недостапни за соработка

    Многу се зборува, а во суштина се соочуваме со глумење инклузија, продолжува Мијалков:

    „За инклузија се потребни многу работи кои ги нема за нашите деца. Всушност, повеќе инклузијата во Македонија е еден вид физичко присуство на нашите деца, без притоа да се има план како да се образуваат и како да им се унапреди животот“.

    И покрај бројните видливи и невидливи проблеми за пошироката јавност, од јавните настапи на политичарите и на надлежните може да се добие впечаток дека институциите се отворени за соработка и подготвени да им го олеснат животот на децата и истовремено да го споделат товарот со родителите. Дали?

    „Петар, ова општество и институциите, ми го оставија без образование. Тотално се недостапни за соработка. Дури и по нашата иницијатива за соработка, народски кажано, никаде ги нема. Не игнорираат и нас родителите и нашите деца. Глумат пред јавноста и пред меѓународната заедница дека се грижат за оваа ранлива категорија“, револтиран е Мијалков.

    ИСТО И ПАК ИСТО – АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ „ЌЕ“ ИМА, САМО ПРВО ЗАКОНОТ…

    На старот од новата учебна година во училиштата беа ангажирани 815 асистенти, а за уште 200 се чека да заврши постапката и да се вклучат во работата. Оттаму и произлезе застојот, поради што опозицијата обвини дека партиските вработувања се причината за доцна распишаниот конкурс. Министерката, пак, јавно излезе со тврдењето дека „дека проблем со асистенти нема, има проблем со училиштата“, па порача „родителите воопшто да не се секираат, ќе има асистенти“.

    На прашањата за тоа дали има евиденција на децата со попреченост кои се и кои не се вклучени во образовиот процес; за тоа дали се има увид на состојбата по градовите и во руралните средини; за недостигот од образовни асистенти; за трансфрмацијата на специјализираните средни училишта… од МОН одговорија:

    „Во наставата во редовните основни училишта во Македонија вклучени се 2.000 ученици со попреченост, додека во средните училишта околу 300. Постои недостаток на образовни асистенти и токму затоа во новата учебна година ќе бидат ангажирани над 1.000 стручни лица, најмногу досега. Образовните асистенти им помагаат на учениците со попреченост полесно да ги совладуваат училишните обврски и да го достигнат својот полн потенцијал“.

    Од МОН ја знаат бројката на учениците во средните училишта, но и годинава за обезбедување на образовните асистенти се зборува со „ќе“. Како и претходно, се посочува дека е во тек подготовката на новиот закон за средно образование. Реченица што се повторува повеќе години наназад, а тоа законско решение никако да се доработи. Па, родителите револтирано прашуваат што со нивните деца откако ќе го завршат деветтото одделение.

    „Со новиот Закон за средно образование кој се подготвува во моментов, образовни асистенти ќе се ангажираат и во средните училишта, каде досега образовна асистенција се обезбедувала преку разни проекти на локалните самоуправи и меѓународни организации. Со овие измени државните средни училишта за деца со попречености ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри и ќе функционираат на идентичен начин како и основните училишта со ресурсни центри. Тие ќе обезбедуваат кадровска и друг тип на поддршка за редовните средни училишта при организирањето на наставата за учениците со попреченост“.

    Нема одговор кога ќе биде сето тоа.

    Родителите, пак, од лично искуство знаат дека децата кои во текот на основното образование имале поддршка од образовен асистент, тешко или воопшто не можат да се справат со новиот предизвик, сами да продолжат понатаму. Згора на тоа, во сосема непозната нова средина, опкружени со соученици и професори кои првпат ги гледаат. Како што велат, го сфаќаат и наставниот кадар, кој не е целосно, односно делумно е едуциран за работа со деца со атипичен развој.

    ВО ГРАДОВИТЕ Е ХАОТИЧНО, ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ УШТЕ ПОЛОШО

    Сузана Стојановска од Граѓанската иницијатива за изедначување на правата на лицата со посебни потреби смета дека со инклузија мора да се почне уште во предучилишните установи.

    „Инклузијата е процес кој треба да почне од градинките. Прво треба типичните деца да се едуцираат за различностите. Наставниците, можам да кажам дека до некаде се едуцирани, додека помошниот кадар има многу административна работа и не се замара многу. Кај нас родителите – грешка е што се задоволуваме со трошки. Поголемиот терет, секако, е на родителот, кој ако има малку помош е задоволен, што не треба да биде така“, нагласува Стојановска.

    Исто така, додава, државата нема воспоставено некаков ред во однос на потребата од образовните асистенти.

    „Ако зборуваме за инклузија и асистенти, тоа значи дека на секое дете му треба поддршка на сите часови, што во практиката не е така. Еден асистент опслужува две до три деца. Дали тоа значи дека ако на часот по ликовно има асистент, за математика не му треба? Голема штета се нанесува на децата со ваквата неорганизираност“, оценува Сузана.

    Сузана и Никола: На секое дете му треба поддршка на сите часови

    Воедно, како родител на дете со атипичен развој и претседател на НВО укажува дека со години наназад бараат да се направи статистика на лицата со посебни потреби, а со самото тоа ќе се направи категоризација на видот на попреченоста, на возраст и вклученоста во образовниот процес. „За жал, не знаеме од која причина досега ниту една власт не го направи тоа, така да можам да кажам дека евиденција нема“.

    Според сознанијата што ги има од теренот, Стојановска вели дека без оглед на големината на местотот на живеење, во вакви услови не им е едноставен животот ни на децата со било каков вид попреченост, ни на родителите. „Во градовите е хаотично, не се знае ниту дали има доволен број асистенти ниту, пак, од кога би почнале со работа. Руралните средини се приказна за себе и мислам дека родителите гледаат да изнајдат начин да се преселат во градовите“.

    И, не само во градовите. И, не само тие од помалите и понеразвиени средини. Реалноста покажува – во потрага по нормални услови и по безбедна иднина за своите деца со атипичен развој, семејствата се пакуваат и заминуваат во странство.

    Маја Анастасова

    Со овој текст, порталот Пари се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично