Прилепскиот Тутунски комбинат ја заврши 2025 година со значително подобрен финансиски резултат, остварувајќи повеќе од двојно поголема добивка. Високи се и процентите што ги одразуваат годишните промени кај деловните сегменти.
Профитот е зголемен за 116 насто, од 2,9 милиони евра во 2024 на 6,3 милиони евра на крајот од минатата година.
Оперативните приходи, кои произлегуваат од основната дејност – продажба на производи и услуги на домашен и странски пазар, се повисоки за 94 насто. Достигнуваат 19,3 милиони евра. Растот се должи на повисоката продажба, како и на поголемата откупена количина тутун.
Паралелно, и расходите бележат значително зголемување од 61 насто. Во оваа ставка е запишана сума од 21,3 милиони евра (13,2 милиони евра – 2024). Нагорното движење е најизразено кај трошоците за суровини и други материјали, но и кај трошоците за вработени. И покрај растот на расходите, зголемените приходи овозможија подобрување на крајниот финансиски резултат, велат од компанијата.
Повисоки за 33 насто се финансиските приходи, кои се во износ од 8,8 милиони евра, а се базирани на исплатени дивиденди. Финансиските расходи, пак, се 519 илјади евра. Зголемени се за 27 насто.
Сеопфатната добивка за периодот јануари – декември 2025 година изнесува 6,3 милиони евра, наспроти трите милиони евра остварени во претходниот едногодишен период (+111 %), што дополнително ја потврдува финансиската консолидација на друштвото.
Менаџментот на Мермерен комбинат посочува дека од 2014 година наваму се преземаат континуирани мерки за стабилизација и развој на компанијата, вклучително и планиран годишен откуп од 2,5 до 3 илјади тони суров тутун, негово ферментирање и продажба, најголем дел преку долгорочен договор со компанијата Филип Морис. Паралелно се реализира и производство и продажба на цигари преку системот на лон-производство.
Исто така, се нагласува дека во фокусот остануваат рационализацијата на трошоците, усогласувањето на паричните текови, подобрувањето на кредитниот рејтинг, реализацијата на долгорочниот бизнис-план, како и инвестиции во технологии, стручни кадри и дигитализација на процесите. Од компанијата очекуваат дека ваквиот пристап ќе овозможи одржлив раст, зголемување на капиталот и стабилен финансиски резултат и во наредните години.
Аналитика








