Домашниот туризам последниве години доживува пораст, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика и другите официјални извори.
Според официјалните податоци, во 2023 година во земјата биле регистрирани 1.168.730 туристи, што претставува пораст од 20,6 % во споредба со 2022 година. Од нив, 434.598, односно приближно 37 % биле домашни туристи, а 734.139 (или 63 %) странски. Во истата година, бројот на остварени ноќевања пораснал за 10,1 %, а ноќевањата од странски туристи бележат скок од 22,9 % наспроти 2022 година.
Владата очекува нашата држава во 2025 година да ја посетат еден ипол милион туристи, значително над регистрираните 1,2 милиони колку што беа забележани лани. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со објавените податоци за растот на туристичкиот сектор од над 20 проценти, премиерот Христијан Мицковски за време на денешната посета на Клиниката за детски болести во Скопје, рече: “Тоа е добар податок забележан во првите четири месеци од годинава. Добар податок во смисла на тоа дека повеќе од 20 проценти имаме и туристи и ноќевања. Тоа значи и повеќе пари за граѓаните кои им нудат услуги на ове туристи. Тоа значи и дека ако просекот е секој од нив во просек да оставил по 800 евра надвор од аранжманот тоа се стотици милиони евра кои ќе останат, тука во угостителството, во услужната дејност”.
Притоа, премиерот нагласи дека како Влада очекуваат уште поголемо засилување и проширување на туризмот во наредниот период, што би резултирало со поголем број туристи и остварени ноќевања. “Обидот директно да преговараме со туроператори е успешен, 40 илјади туристи од Западна Европа веќе престојуваат тука, во вкупен број зборувам. Тоа се околку 160 илјади ноќевања, надвор од сезона кога зборуваме за Охрид во другиот дел од државата цела година е сезоната. Следната година очекуваме надвор од сезоната половина милион ноќевања.”
“Разговараме со други туроператори и очекуваме повторно двоцифрен раст на туризмот. Тоа влијае и на БДП и на економскиот раст на државата”, изјави македонскиот премиер. Тој исто така спомена дека минатата година во земјата имало 1,2 милиони туристи, а за годинава се очекуваат до 1,5 милиони. Минатата година биле регистрирани 3,5 милиони ноќевања, а годинава се очекуваат најмалку до 4 милиони ноќевања.
Официјалните податоци покажуваат дека во периодот јануари–август 2024, бројот на странски туристи достигнал 568.877, што претставува пораст од 14,4 % во споредба со истиот период во 2023 (497.386)
Во јуни 2024 се нотирани 119.751 туристи, од кои 72,4 % странски, со целосен пораст од 11,1 % (домаќински +3,3 %, странски +14,4 %).
Во првите четири месеци од 2025 година (јануари–април), се забележува пораст од 24,3 % во бројот на туристи во однос на истиот период претходната година.
Во јануари 2025, земјата ја посетиле 49.870 туристи (+4,4 % на годишно ниво); од нив 63,2 % се странски, при што странските туристи пораснале за 10,8 %, додека домашните паднале за 4,9 %, според tourismmacedonia.gov.mk.
Ноќевањата истиот месец достигнале 106.894, при што странските забележале пораст од 16,5 %, а домашните забележале пад од 7,9 %. Девизниот прилив по основ на туризам бележи силен пораст – од 480,38 милиони USD во 2022 до 598,54 милиони USD во 2023, што значи пораст од 25 %.
Најпосетуван регион останува југо-западниот (Охрид и езерата) со 1.624.162 ноќевања во 2023, додека Скопје остварил 731.379 ноќевања, што е околу 55 % помалку во однос на Охрид.
Езерските дестинации сами по себе забележуваат 1.862.784 ноќевања, надминувајќи ги градовите, бањите и други регионални локалитети. Сезонската нерамномерност е очигледна – летото (јули и август) доминира со пораст на туристичката активност од 4–5 пати во споредба со останатиот период.
Зголемена странска побарувачка, особено од Турција, која во август 2024 била најбројна со 203.722 туристи во период јануари–август (35,8 %), за што продонесе зголемениот број на чартер летови – особено кон Охрид од големи европски градови.
Туристичката индустрија, меѓутоа, покажува и бројни слабости. Освен слабата инфраструктура, тука е и трендот на кус престој на странските туристи во земјава. Тие се уште, доминантно, ја посетуваат Македонија како дел од поголеми, пошироки тури низ Балканот, каде нашата земја е само една од попатните станици.
Бројот на поминатите денови во Македонија дури има тренд на намалување. Така, странските туристи на просек во 2024 година престојувале дури и помалку од две ноќи, поточно – само 1,9 ноќи, во споредба со 2,3 ноќи во 2021 година.