Летната сезона е во полн ек, и традиционлано голем број македонски граѓани, како и Срби ја избираат Грција како дестинација за одмор. Но оваа година многу туристи се шокирани од цените. Од сместување, до храна, пијалаци, туристички такси, па дури и патарини, се е поскапо од лани ова време, иако цените и услугите варираат од место до место, од остров до остров.
Секоја година на социјалните мрежи посетителите ги споделуваат своите искуства, односно каде има најголема гужва, кое е најдобро место за одмор и она најважното за сите-кои се цените по ресторани, маркети и колку чинат лежалки.
Еден следбеник во групата „Во живо од Грција“ сподели каква е моменталната ситуација на Кефалонија. Чадор и две лежалки од 1 јули до 31 август чинат 40 евра, но за првиот ред лежалки треба да платите и до 60 евра. Додека, пак, во Неа Флогита, доколку одлучите да земете две лежалки со чадор, потребно е консумација од 25 евра, односно да се потроши за храна и пијалак во тој износ.
И на Халкидики оваа година е поскапено, изнајмување на лежалка со еден пијалак е 5 до 10 евра, гирото е околу 5 евра, сместувањето е за 30 отсто поскапено, пишуваат туристи во Фејсбук групата „Во Живо од Грција“. Сите кои летуваат во Грција најчесто се сместуваат во апартмани. Тоа значи дека за храна се снаоѓаат сами или јадат во ресторани и таверни., оттаму коментираат дека просечен ручек по човек е околу 15-20 евра.
Една туристика која со семејството одмарала на Тасос во групата искоменирала дека потрошиле 3.500 евра – двајца возрасни и две деца.
Додека, пак, еден Србин го напишал своето искуство на фејсбук-групата, дека годинава ништо без 2.000 евра 10-11 дена сопствен превоз, сместување, храна, плажи, семејство без некои поголеми барања…
– Сето ова може да оди и до 3.000 ако јадете само во ресторани, дополнителни екскурзии, поскапи опции на користење плажа. Лани истиот период, иста должина на одмор, ист тип на одмор, приближен квлаитет на дестинација, се на се за 20 отсто поевтино од годинава – пишува туристот.
Ако двајца нарачаат голема пица, тоа задоволство ќе ги чини околу 15 евра. Ако одлучите да ја пиете пиво, ќе потрошите 4,5 евра за големо шише пиво од половина литар. Доколку вашиот избор е вино, без разлика дали нарачате бело или црвено, тоа ќе ве чини 4 евра за чаша. Најевтиното шише во рестораните е 15 евра, додека бокалот домашно вино е осум.
Кога станува збор за цените во маркетите, литар свежо млеко е околу 1,20 евра, 200 грама кашкавал е околу 3 евра, цената на свежиот леб се движи од 1 евро, па нагоре. Цена за фета сирење од 250 грама е околу 3 евра, килограм домати чинат околу 2 евра, килограм лубеница чини 6 евра…
Во зависност од видот, свежата риба е од 6 до 20 евра за килограм. Цената на топка сладолед се движи околу 2,5 – 3 евра, во зависност од слаткарницата.