
Со нето добивка од 793 илјади евра ја заврши Фабрика Карпош деловната 2025 година, во која се случи и трансформација во сопственичката структура на компанијата. Финансискиот резултат е проследен со раст од два насто.
Во текот на минатата година приходите од продажба се зголемиле за 15 насто, на 21,45 милиони евра. Најзначјно учество во вкупните приходи имаат приходите од оперативните активности кои учествуваат со над 90 отсто во вкупните приходи остварени на домшниот пазар, посочуваат од Фабрика Карпош. Останатите оперативни приходи се намалени за 39 отсто, од 558,7 илјади во 2024 година на ланските 340,9 илјади евра.
Вкупните расходи изнесуваат 20,64 милиони евра. Најголеми остануваат трошоците за суровини и други материјали (7,12 милиони евра и раст од 18%) и за услуги со карактер на материјални трошоци (10,46 милиони евра и раст од 9%). Тоа, пак, ја ограничува оперативната добивка на 811,6 илјади евра, за 12 отсто пониска од споредбениот период.
Во компанијата, со речиси осумдецениска традиција во градежната дејност, минатата година се случи промена на доминантниот акционер. Уделот од 74,89 отсто што го поседуваше Градежниот институт Македонија, го купи Сервис Петрол. Нешто подоцна, фирмата даде понуда за преземање, која на почетокот од март беше прогласена за успешна. Во моментот Сервис петрол поседува 239.270 обични акции или 79,99 отсто од акционерскиот капитал на Фабрика Kарпош.
Компанијата ја следат позитивни резултати од работењето, а имаат поставено и јасна цел:
„До 2030 година, целиме да станеме водечки изведувач на индустриски хали од префабрикувани бетонски елементи во регионот. Ќе продолжиме со вложување во модерни технологии, автоматизирано производство и стручност, создавајќи одржливи решенија за побрза, поквалитетна и ефикасна изградба“, пишува на веб-страницата на Фабрика Карпош.
Аналитика








