Криптовалутите се уникатен финансиски производ кој по своите карактеристики се издвојува од останатите финсиски средства.
Децентрализирана контрола
Првата карактеристика која ги издвојува криптовалутите од декретните валути и останатите финансиски средства е децентрализираноста. За разлика од декретните валути кои се издаваат и се контролирани од централни банки, кај криптовалутите издавањето, клирингот, салдирањето и верификацијата на трансакциите се регулирани преку таканаречени конзенсус алгоритми односно софтверски протоколи кои се контролирани и обезбедени од децентрализирана мрежа на компјутери.
Размена на криптовалути со декретни валути
Купувањето и продажбата односно размената на криптовалути со декретни валути се случува на специјални онлајн пазари наречени крипто менувачници. Со исклучок на таканаречените стабилни криптовалути (анг. stablecoins), вредноста на криптовалутите е пазарно одредена, односно истите имаат променлив курс во однос на декретните валути како што се доларот, еврото, јенот или фунтата. Поради тоа што криптовалутите имаат релативно мала пазарна капитализација, цената на истите знае да биде исклучително волатилна. Иако самите протоколи на криптовалутите се исклучително безбедни, менувачниците на криптовалути претставуваат една од централизираните точки во инаку децентрализираниот систем кои се исклучително ранливи на хакерски напади. Само во 2019 година, од разни крипто менувачници во светот се украдени криптовалути во вредност од околу 292 милиони долари.
Ограничено снабдување
Повеќето, но не сите, криптовалути се карактеризираат со конечно снабдување. Нивните изворни кодови содржат упатства кои го опишуваат прецизниот број на единици што можат и ќе постојат. Со текот на времето, на рударите им станува потешко да произведуваат единици за крипто валута, сè додека не се достигне горната граница и новата валута не престане да се кова целосно. Конечното снабдување со криптовалутите ги прави инхерентно дефлаторни, повеќе слични на златото и другите благородни метали – од кои има конечни залихи – отколку фиат-валутите, од кои централните банки, во теорија, можат да произведуваат неограничени резерви.