Обичната акција на тетовски Жито полог и приоритетната на Стопанска банка Скопје се предводници на позитивната и на негативната берзанска листа, каде што се регистрираат најголемите подеми и падови на просечната вредност. Во клубот на „минусарите“ овојпат се акциите на три банки.
Растот од 36,43 проценти и ја обезбеди челната позиција на хартијата од вредност издадена од мелничко-пекарската компанија. На последниот ден од ноември акцијата на Жито Полог од Тетово имала просечна вредност од 3.000 денари. За споредба, на 31 октомври изнесувала 2.199 денари.
Акцијата на која веќе некое време интензивно атакуваат инвеститорите – на Македонијатурист, е на второто место. Во октомври просечната цена била 7.754,83 денари, а во ноември 9.050 денари. Месечниот просек е кренат за 16,70 насто. Инаку, во претходниот берзански билтен оваа акција беше на четвртата позиција, но на негативната листа.
На средината од табелата на акции со најголем раст е хартијата од вредност на скопски Алкалоид. За еден месец е забележан позитивен исчекор од 13,62 проценти, што значи од октомвриските 22.291,33 на ноемвриските 25.327,56 денари.
Минатиот месец петта, а сега четврта на оваа листа е акцијата на НЛБ банка. Ноемврискиот раст е значително повисок – 9,72 насто од тој во октомври (0,09%). Просечната вредност е 49.254,40 денари, за разлика од претходното ниво со 44.890 денари.
Оваа плус листа се заокружува со акцијата на Прилепска пиварница. Цената во ноември има просек од 38.000 денари, додека во десетиот месец од годинава износот бил 35.000 денари. Промената е 8,57 проценти.
Приоритетната акција на Стопанска банка Скопје за еден месец изгубила 14,47 отсто од просечната вредност. Со тоа е прва меѓу акциите кај кои е регистриран најголем пад. На 31 октомври чинела 760, а на 30 ноември – 650 денари.
Уште една банка во ова друштво. Хартијата од вредност издадена од ТТК банка го намалила просекот за 7,39 проценти. Од 1.945 денари на крајот од октомври, на 1.801,34 денари на крајот од ноември.
Месечна промена од минус 6,35 проценти е регистрирана кај акцијата на Хотели Метропол Охрид. Просекот опаднал од 315 на 295 денари.
Следува акцијата на Мермерен комбинат Прилеп. Имала просечна вредност од 3.300 денари во октомври и 3.200 денари во ноември. Тоа претставува негатива од 3,03 отсто.
Последното место во оваа конкуренција, што значи и најмал пад, во случајот од 2,86 проценти, го зазема акцијата на Централна кооперативна банка. Ноемвриската просечна вредност е 340 денари. На крајот од октомври била повисока за сто денари.
Читајте: На кои акции се „закачиле“ инвеститорите во ноември?