Во настапот во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ги повика граѓаните да останат спокојни поради тоа што во Буџетот се предвидени средства за исплата на пензии, плати и надоместоци за социјална и детска заштита.
Пари за исплата и на плати и на пензии ќе има, уверува Тренчевска. „Пензионерите ги добија септемвриските пензии, зголемени за 6.8% и согласно новата методологија, усогласување на пензиите ќе има два пати во годината, септември и март. Целта на ваквото решение е воспоставување на систем за постојан раст на пензиите. Во бројки пензионер со просечна пензија во август 16.376 денари, во септември добил 17,490 денари, споредно со јуни 2017 година, тоа е околу 3500- 4000 денари повеќе пари на сметката на секоја пензионер,” рече Тренчевска.
Министерката информираше дека, со здруженијата на пензионери веќе е разговарано и за зголемување на минималната пензија, за што ќе се отвори социјален дијалог и ќе се креира најиздржаното решение. Тренчевска се осврна и на коментарот за новата методологија на усогласување на пензиите и линеарното зголемување на пензиите, при што посочи дека преку процентот за пораст на пензиите, согласно новата методлогија се потврдува дека системот е праведен. Затоа што правото за остварување на пензија е уставно загарантирано право и секој работник со исполнување на условите за пензионирање, односно со навршување на 64 години за маж и 62 години за жена, во формирањето на висината на пензијата се зема предвид вкупниот работен стаж и просекот на плата што ја земал во работниот век.
Новата методологија, појасни министерката, предвидува усогласување на пензиите и тоа, според движењето на индексот на трошоци за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во висина од 50%, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
„Повисока плата значи и повисока позиција и поголеми одговорности, затоа праведно е процентуалното зголемување на пензиите. Линеарното зголемување од 600 денари што го правеше минатата власт е непочитување на законското решение и популистичка мерка. Преку усогласувањето на пензиите согласно новата методологија, пензиите имаат постојан раст и притоа, секое усогласување влегува во основицата на пензијата“, истакна министерката.
Таа потсети дека, со јануарското усогласување на пензиите од 2.9% и заедно со 6.8% за месец септември, оваа година пензиите пораснале за 9.7 %. Како и дека 330.000 пензионери добија и финансиска поддршка од 3000 денари за полесно справување со економска криза.