Ако Македонија важи за крстосница на Балканот и ако низ нејзината територија биле градени голем број на патишта уште од времето на римската империја, тогаш голема е веројатноста дека оваа држава има потенцијал да ја темели својата иднина на основа на нејзината транспорта мрежа.
Иако залагањата на сите досегашни влади биле во насока на подобрување и зајакнување на патната инфраструктура, сепак пред нас има уште многу работа. По се изгледа дека напорите за иградба и одржување на главните коридори нема да бидат доволни!
Неопходна е национална стратегија во која менаџментот врз расположливите ресурси, одржливоста на бизнис моделот и неговите парични текови, царинската регулатива и даночната политика ќе бидат катализатори на развојот. Иако ситуацијата може драстично да се подобри, сепак и во едни вакви тековни услови, голем број на компании успеваат да остварат значителни финансиски резултати.
Оваа индустрија ја сочинуваат 5.684 компании, а од аспект на најуспешните 10 во поглед на висината на остварени вкупни приходи за 2019 година, ситуацијата е следна:
- На пиедесталот е скопската компанија ДЕНИ Интернационал, која за 2019 година прокнижила вкупни приходи во износ од скоро 1.4 милијарди денари. Тоа е намалување од 6%, во однос на 2018 година, додека процентуалното учество во топ 10 компаниите изнесува 17.6%.
- Големата четворка во оваа категорија ја пополнуваат компаниите Екстра-Скопско, Емша-Шпед и ШТ ДОО. Сите тие оствариле приходи поголеми од 1 милијарда денари.
- 2019 споредбено со 2018 година пораст на приходите бележат компанииите Екстра-Скопско, со раст од 4.39%, Беташпед, со раст од 3.32% и Кав Комерц со најголем пораст од 11.04%
- Најголем пад во приходите бележат компаниите АД ГА-МА Скопје со 12.82% и Оркан Импекс со 13.57%.
Кога се анализира добивката на компаниите може да се извлечат следните заклучоци, а истите се однесуваат на топ 10 од овој сегмент:
- Во тотал, топ 10 компaниите оствариле скоро идентично ниво на добивка, односно порастот во 2019 година изнесува 0.98%, во однос на 2018 година.
- Компанија со најголема добивка е струмичката Јавор-Транс со реализација од 97.3 милиони денари, што е сепак за 1.77% пониско од остварената добивка за 2018 година.
- 60% од топ 10 компаниите оствариле пораст на добивката во споредбениот период 2019/2018. Меѓу нив најмногу се истакнува компанијата А-Инвест од Скопје, со пораст на добивката од 1,702.53%. Во топ 3 компании кои оствариле пораст на добивката за повеќе од 50% се уште компаниите ДЕНИ Интернационал со пораст од 70.32% и гевгелиски Лемекс Транспорт со регистриран пораст од 55.55%.
- Најголеми “губитници” во поглед на оваа категорија се компаниите ГА-МА Скопје со пад на вкупна добивка од 56.9% и ШТ ДОО од Богданци со пад од 52.09%.
Сумирањето на податоците за изминатите години во оваа индустрија се чини дека ќе бидат од клучно значење за евидентирање на евентуалните и најавувани загуби предизвикани од здравствената криза, која предизвика големи економски дисторзии. Токму оваа индустрија е една од најпогодените, но и клучна во процесот на ревитализирање, после стабилизација на настанатата ситуација. Оттука, помошта кон оваа индустрија треба да биде приоритет за сите засегнати страни, без разлика дали тоа ќе бидат државни грантови, безкаматни кредити од Македонска банка за обнова и развој, или одобрени грејс периоди од деловните банки и репрограмирање на кредитната изложеност.
По се изгледа терминот “враќање на старите патеки” е веќе минато. Оваа криза треба да не научи дека мораме да работиме на константно подобрување. Неминовно е сите расположливи ресурси да се стават во корист на подобрување на логистиката, па зошто да не и по примерот на Амстердам кој напливот на вода го искористи за развој на водениот сообраќај, да не го искористиме потенцијалот и да разработиме мрежа на железници и патишта и пронаоѓање на нови ефективни солуции за развој на бизнисот.
Извор на податоци: „Бизнис мрежа“.
Анализа на податоци: Таргет Груп