Извештајот за состојбата со корупција на глобално ниво, на организацијата Транспаренси Интернешенел за 2023 ја вброи Северна Македонија во редот на средно корумпирани држави. Според Транспаренси, државата го подобри резултатот и рангирањето во однос на минатата година, со 42 индексни поени и сега е позиционирана на 76-то место што е значително подобро од минатата година, кога беше на 85-то место со 40 индексни поени.
Според ова рангирање, од сите балкански држави од Македонија е подобра само Црна Гора, која годинава се најде на 63-то место, со 46 поени. Најлошо рангирана од сите поранешни југословениски републики е Босна и Херцеговина, која се најде на дури 108 место според степенот на корупција и освоени 35 поени.
Србија доживеа пад на позицијата дури на 106-то место на оваа листа на корумпираност, со 36 поени, а од неа подобро е Косово, на 83. место и 41 поен, како и Албанија на 98. место и 36 поени. Од земјите во регионот најдобра, иако без промени во однос на минатата година е Хрватска со 50 индексни поени и се наоѓа на 57 позиција.
Во извештајот, сепак, се предупредува дека „исто како што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судството во Северна Македонија беше значително нарушено со недемократски направени измени на Кривичниот законик“. Транспаренси смета дека Собранието на Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери.
Од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава се наоѓа во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија и Тринидад и Тобаго.
Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени, по што следат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.