ПОВЕЌЕ

    ТРАМП ГО ОБЈАВИ НОВИОТ ТРГОВСКИ РЕЖИМ СО ЦЕЛИОТ СВЕТ: Како Македонија ја избегна царината од 33%

    Време зa читање: 4 минути

    Со одлука која повторно ја вознемири светската трговија, американскиот претседател Доналд Трамп објави високи увозни царини за стоки од десетици земји, вклучувајќи ги Канада, Бразил, Индија, Тајван, па дури и некои сојузници како Швајцарија и ЕУ. Македонија, иако првично се најде на списокот со стапка од 33%, доби пониска – 15% – откако беа продолжени преговорите меѓу двете влади.

    Трамп воведе различни царински стапки: 35% за Канада, 50% за Бразил, 25% за Индија, 20% за Тајван, а дури 39% за Швајцарија. Во новата наредба, која стапува во сила седум дена по нејзиното објавување, предвидени се тарифи од 10% до 41% за 69 земји, зависно од нивната трговска размена со САД и степенот на усогласување со американските економски и безбедносни интереси.

    Дел од земјите постигнале привремени договори и обезбедиле исклучоци за одредени категории производи. Други, пак, останале надвор од можноста за преговори.

    Иако Македонија не успеа навреме да склучи официјален трговски договор со САД, од денес се применува царинска стапка од 15% – намалена од првичните 33%. Намалувањето доаѓа по укинувањето на македонските царини за американски стоки на 1 јули, како гест на добра волја.

    Американската администрација го утврди нивото на тарифата врз база на анализа на трговскиот биланс меѓу двете земји, но во статистичките податоци постојат несогласувања — САД евидентираат суфицит, додека Македонија прикажува дефицит. Причината најверојатно лежи во тоа што американската страна ја евидентира земјата на потекло на производите, додека македонската статистика ја бележи земјата на дестинација.

    САД не се значаен трговски партнер на Македонија: според „Фајненс тинк“, извозот кон американскиот пазар во 2024 година претставувал само 1,4% од вкупниот извоз на земјата. Најголем дел од тој извоз се однесува на автобуси и компоненти произведени во странски фабрики во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ), од кои најголем удел има белгискиот „Ван Хол“. Повеќе од половина од целиот македонски извоз во САД е поврзан со ваквите фабрики.

    Според нив, предупредуваат дека индиректните последици би можеле да бидат позначајни. Тие би можеле да се манифестираат преку намалено производство или отпуштања во странските фабрики кои се дел од глобалните синџири на снабдување — особено ако компаниите-мајки имаат изложеност на американскиот пазар. На пример, „Џонсон Мети“, која остварува 12% од приходите во Македонија, има 28% од својата продажба во Северна Америка.

    Паралелно со глобалните тарифни мерки, САД и Европската Унија објавија политички договор што предвидува царина од 15% за околу 70% од извозот на ЕУ во САД, вклучувајќи автомобили и полупроводници. Иако објавен на 27 јули, договорот засега нема правна сила. ЕУ нема да ги намали царините за американски производи додека не биде потпишан формален, правно обврзувачки текст.

    Договорот предизвика резигнација во европските престолнини. Емануел Макрон изјави: „За да бидеш слободен, мора да те плашат. Очигледно, не не плашеа доволно“. Францускиот премиер Франсоа Бајру го нарече договорот „ден на покорност“.

    Еврото забележа пад, а трговските организации предупредија дека дури и 15% тарифа ќе има големо влијание врз извозно ориентираните индустрии, особено автомобилскиот сектор во Германија.

    Индија доби 25% царина откако не се постигна напредок за американски пристап до нејзиниот земјоделски сектор, што предизвика пад на рупијата и силни реакции од опозицијата во Њу Делхи.

    Кина, од друга страна, останува во трговско примирје со САД кое трае до 12 август. Иако првично царините беа над 100%, по прелиминарни договори се спуштени на 30% за Кина и 10% за американскиот извоз.

    Канада доби драстично повисока царинска стапка од 35%, под образложение дека не соработува во борбата против шверцот на фентанил. Мексико, пак, доби 90-дневно продолжување и избегна 30% тарифа, освен за челик, бакар и автомобили кои не се во согласност со договорот USMCA.

    Наредбите на Трамп беа предмет на правни спорови. Федералниот апелационен суд изрази сомнеж во користењето на вонредни овластувања за воведување тарифи до 50% без одобрение од Конгресот. Трамп се повика на Актот за меѓународни вонредни економски овластувања од 1977 година, прогласувајќи економска вонредна состојба поради трговскиот дефицит.

    Во меѓувреме, се чекаат дополнителни регулативи — како што се „правилата за потекло“ –  кои ќе одредат кои производи ќе бидат директно погодени од повисоките тарифи.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично