Како да изградиме систем што нема да зависи од добрата волја на власта
Стареењето на населението претставува еден од најголемите цивилизациски успеси на човештвото, но истовремено и комплексен предизвик кој бара сериозни политички, економски и социјални одговори. Намалениот наталитет и зголемената долговечност доведуваат до постојан раст на учеството на лицата над 60 години во вкупната популација. За државите тоа значи зголемени обврски во областа на пензискиот систем, здравството, долготрајната нега и социјалната заштита.
Постојната состојба во Македонија укажува на системски празнини во правната заштита на постарите лица, што ги прави ранливи на дискриминација, социјална изолација и политичка манипулација. Потребна е сеопфатна и долгорочна стратегија која старите лица ќе ги третира како носители на права, а не како објекти на социјална милост.
Аргументи за потребата од меѓународно регулирање на правата на старите лица
Работната група на ОН за идентификување и решавање на недостатоци во заштитата на старите лица наведува аргументи како доказ за потребата од формално меѓународно регулирање на правата на старите луѓе:
- На постарите лица, како и за другите групи на ранливи категории, им недостасува меѓународен договор и претставничко тело за заштита на нивните права.
- Ковид 19 кризата предизвика разоткривање на големата ранливост на старите лица.
- Дискриминацијата врз основа на возраста како значајни прашања за човековите права кои треба да се решат на глобално ниво.
- Обезбедување на постарите лица да бидат активни учесници во процесите на креирање политики, со што се намалува нивната невидливост и ранливост.
- Обезбедувањето меѓународни стандарди за долготрајна и палијативна нега ќе помогне да се обезбеди почитуван и адекватен третман.
Од дискрециона помош кон признати права
Традиционалниот пристап во кој постарите лица се третираат како приматели на дискрециона социјална помош е недоволен и ризичен, бидејќи ги остава ранливи на политичка манипулација. Потребно е нивната положба да се трансформира од објекти на социјална грижа во субјекти на права, признати и заштитени во националното и меѓународното право. Дефинирањето на нивните права ќе овозможи:
- целосно почитување на достоинството, верувањата, потребите и приватноста;
- право на донесување одлуки за сопствената грижа и квалитет на живот;
- заштита од дискриминација и злоупотреба.
Заштита на пензискиот приход
Пензиите се основен извор на приход за мнозинството пензионери. Затоа, одржлив и стабилен пензиски систем кој обезбедува пензија за достоинствен живот е приоритетна обврска на секоја влада.
Пензиските политики треба да ги исполнат двата клучни услови:
- Обезбедување соодветен приход во старост за да се спречи сиромаштија.
- Финансиска одржливост на системот за да се гарантира исплата на идните пензии.
Дизајнот на пензискиот систем е сложен и долгорочен процес, кој влијае на сите генерации – сегашните работници како идни пензионери, и сегашните пензионери како корисници на системот.
Зачувувањето на реалната вредност на пензиите треба да биде дел од планот за заштита на правата на пензионерите и постарите лица. Целта е да се обезбеди пензионерите да имаат исто ниво на куповна моќ во текот на целиот период на пензионирање, а воедно да стареат со достоинство.
Трајната заштита на пензиите подразбира и заштита на нивното усогласување. Ако законот предвидува индекс поврзан со растот на платите и цените, тој мора да се применува доследно, без прекини и политички интервенции.
Вистинска реформа значи воспоставување систем што ќе го гарантира тоа право независно од владејачката структура или економските циклуси.
Активно стареење и општествено вклучување
Важно е обезбедувањето на правата и активното учество на старите лица, затоа што тие се значаен дел од населението и носат долгогодишно искуство, знаење и општествен капитал. Ако општеството ги изолира или ги гледа само како корисници на услуги, се губат потенцијалите за нивен придонес, а и се зголемуваат ризиците од сиромаштија, здравствени проблеми и социјална маргинализација.
Обезбедувањето на правата на старите лица директно влијае на нивното достоинство, здравје, социјална сигурност и можност да придонесуваат во заедницата, дури и во подоцнежните години. Кога тие се заштитени и поддржани, придобивките не се само за нив, туку и за целото општество – помал притисок врз здравствениот систем, подобра меѓугенерациска солидарност и користење на искуството и знаењето што тие го поседуваат.
Основни принципи за заштита
Трајната заштита на правата на старите лица треба да почива на следните принципи:
- Правна сигурност, со јасни, применливи и задолжителни законски норми.
- Недискриминација, преку заштита од возрасна дискриминација во сите сфери.
- Институционална независност, со органи кои работат без политички влијанија.
- Активна партиципација, со вклучување на старите лица во процесите на одлучување.
- Достоинство и автономија, преку почитување на индивидуалните избори и потреби.
Како со политики да се обезбеди активно стареење и општествено вклучување
Политиките треба да бидат интегрирани и да опфаќаат здравствени, економски, социјални и образовни мерки. Наведени се неколку клучни насоки:
- Здравствена поддршка
- Пристапни превентивни и рехабилитациски програми.
- Промоција на физичка активност и здрав начин на живот.
- Домашна и заедничка грижа за оние со ограничена подвижност.
- Економска сигурност
- Достоинствени пензии и заштита од дискриминација во работниот однос.
- Флексибилни форми на вработување за постари лица кои сакаат да останат активни.
- Стимулации за претприемништво и менторски улоги.
- Образование и дигитална вклученост
- Животно учење (курсеви, работилници, дигитални обуки).
- Програми за дигитална писменост за намалување на дигиталниот јаз.
- Социјална и културна интеграција
- Поддршка за клубови, здруженија и волонтерски програми.
- Генерациски програми кои ги поврзуваат младите и постарите (училишни ментори, културни настани).
- Урбанистички решенија за достапност и прилагодени јавни простори.
- Правна и институционална заштита
- Законска рамка која гарантира недискриминација по основ на возраст.
- Независни механизми за жалби и заштита на правата.
- Институции за мониторинг на политиките и нивната ефикасност.
Заклучок
Заштитата на правата на старите лица не смее да биде предмет на привремени политички кампањи, туку системска државна политика заснована на закон, независни институции и активно граѓанско општество. Само со ваков пристап постарите лица ќе бидат почитувани како целосни носители на права, со обезбедено достоинство, автономија и можност за активно учество во општеството.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија