Во период на економска неизвесност и монетарни предизвици, изборот за нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија добива особено значење. Меѓу предложените имиња, се истакнува и проф. д-р Трајко Славески, еден од најискусните економисти во земјава – универзитетски професор, поранешен министер за финансии и активен глас во јавните економски дебати. Познат по својот принципиелен пристап кон фискалната дисциплина, ниските даноци и заштитата на монетарната стабилност, Славески важи за професионалец кој го спојува академското знаење со практичното искуство од областа на макроекономијата, фискалната политика и меѓународните финансии, а неговиот глас и став често се слушаат како експертски придонес во јавните политики.
Славески е дипломец на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Toj посетувал редовни студии на Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а на пост-дипломски студии бил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986/87) и на Универзитетот Харвард (1989/90). Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрирал и докторирал на истиот факултет во 1988 и 1997 година, соодветно.
Проф. Славески бил визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 година. Во периодот 1999-2006 година предавал на последипломскиот студиум South Easteren European Studies на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција, на англиски јазик.
Неговите предавања и истражувања се фокусираат на макроекономија, меѓународни финансии, транзиција на економиите од социјализам кон пазарен систем, и економски политики во земјите во развој. Автор е на голем број научни трудови, публикации и учесник на меѓународни конференции. Има соработувано и со меѓународни институции како Светска банка и УНДП, особено во областа на реформите и стратегиите за економски развој.
Во 1992 година, д-р Трајко Славески, како советник на министерот за развој, беше еден од авторите на Антиинфлаторната програма, донесена заедно со чинот на монетарното осамостојување на Република Македонија.
Во периодот 1999-2000 година, д-р Трајко Славески беше министер за развој во Владата на Република Македонија.
Од април 2005 до август 2006 година беше член на Советот на град Скопје, каде што учествувал во работата на повеќе комисии.
Со одлука на Македонскиот парламент од 27.8.2006 година беше именуван за министер за финансии во Владата на Република Македонија. Оваа функција ја извршуваше до 10 јули 2009 година.
Како министер за финансии учествуваше во спроведувањето на низа реформи во даночниот и финансискиот систем во Република Македонија, осовременување на платниот промет, интегрирање на наплатата на персоналниот данок од доход и социјалните придонеси во Управата за јавни приходи (концептот бруто-плата) и непосредно раководење со спроведувањето на фискалната политика во услови на високата инфлација од 2007 година (резултат на порастот на светските цени на храната и на енергијата) и Големата рецесија 2007-2009 година.
Д-р Трајко Славески, во периодот септември 2006 – јули 2009 година ги извршуваше функциите гувернер на Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој.
Славески е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и има учествувано во изработка на програмските документи на партијата. Во периоди по 2009 година, се јавува како политички аналитичар и експерт, со чести гостувања во медиумите и настапи во јавноста, каде што ги коментира економските состојби во земјата.
Исто така, има активно учество во Советот на Град Скопје, каде делува како советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, тој од самото конституирање на Советот во ноември 2021 година ја врши функцијата претседател на Советот.
Познат е како критичар на јавните трошоци на локално и државно ниво, залагајќи се за транспарентност и рационално трошење на парите на граѓаните.
Неговата евентуална поставеност на чело на централната банка се толкува како сигнал за можно враќање кон поцврсти монетарни правила и фокус на независноста и кредибилитетот на институцијата. Прашањето сега е: дали Славески ќе ја добие поддршката потребна за да седне на една од најодговорните позиции во македонската економија?