
Toyota ја искористи најголемата сцена за иднината на автомобилите Japan Mobility Show 2025 во Токио за да покаже како ќе изгледа следното поглавје на глобалниот бестселер. Новата Corolla Concept не е само уште еден редизајн, туку целосно нова филозофија: флексибилна архитектура што поддржува електричен, хибриден и класичен бензински погон, со можност и за алтернативни, јаглеродно неутрални горива. Извршниот директор Коџи Сато појасни дека целта е јасна – да се понуди избор без компромиси, а Corolla да остане автомобил кој се прилагодува на секој пазар и на секој возач.
На изглед, ова е Corolla каква што не сме виделе. Дизајнот, развиен во европскиот студио ED² во Ница, го напушта познатото и се претвора во динамична, ниска и издолжена силуета што граничи меѓу седан и фастбек. Предниот дел носи префинет „hammerhead“ потпис со тенки LED светлосни линии, додека задниот дел е заокружен со интегриран „ducktail“ спојлер и широка хоризонтална светлосна лента со натпис „Corolla“. Пропорциите се решително модерни: 21-инчни Y-крак тркала, чисти површини и остри рабови, детали кои му даваат премиум став и аеродинамична дисциплина. Еден од любопитните елементи што го привлече вниманието на посетителите е повеќекратниот распоред за полнење/гориво, сигнал дека концептот е замислен за повеќе погонски сценарија, од plug-in хибрид до целосно електричен модел.

И внатрешноста ја следи истата идеја за напредна едноставност. Кабината е минималистичка и технолошки чиста: хоризонтална табла, дигитален инструмент панел, посебен екран за совозачот и „лебдечка“ централна конзола со компактна селектор-рачка, чија форма го рефлектира екстериерниот јазик. Контролите се групирани околу воланот за интуитивен досег во движење, а редуцираните физички копчиња создаваат чувство на современа, функционална тишина.
Toyota засега ги чува бројките, но насоката е јасна: новата платформа ќе ја поддржи стратегијата „multi-pathway“ со целосно електрични, хибридни и plug-in хибридни решенија, како и нова генерација мотори од 1.5 и 2.0 литри – полесни, помали и поефикасни. Производната верзија се очекува во 2026 година, со глобална офанзива што може да се протегне и во 2027 година, зависно од пазарите и хомологациските рокови.
Тешко е да се преувеличи значењето на името Corolla. Од 1966 година, овој модел се појави во низа облици – седан, хечбек, караван, купе, па дури и миниван – и со повеќе од 55 милиони испорачани примероци остана најпродаваниот автомобил во историјата. Со новиот концепт, Toyota сигнализира дека легендата не мирува: дизајнот станува посмел, технологијата поинтегрирана, а понудата на погони – поширока од кога било.
На штандот во Токио, Corolla не беше самa. Компанијата прикажа и цела палета футуристички решенија за мобилност – од Kids Mobi, мали возила со едукативна димензија за најмладите, преку Boost Me, агилна платформа наменета за лица со посебни потреби, до автономни „пајак“-возила за логистика и лично движење. Пораката е кристална: иднината не е само електрична, туку флексибилна, човечка и практична.
Ако серискиот модел ја задржи оваа комбинација од авангарден изглед, рационална практичност и широка палета на погони, Corolla повторно може да ја зацврсти доминацијата на глобалниот пазар само овојпат, со дизајн од иднината и погон што го избирате според сопствени правила.
Аналитика








