ПОВЕЌЕ

    TOW: Нема работа

    Време зa читање: 4 минути

    Каде и да се свртам, со кого и да зборувам, сите (или ајде нема да кажам сите, туку голем дел) се жалат дека немало работа. Мислам од аспект на вработени и вработување. Стапката на невработеност била голема, економијата била слаба, децата немале каде да се вработат, државата требало да направи услови итн.

    Јас не велам дека државата не треба да направи нешто, не викам дека економијата цвета (посебно со новонастанатата ситуација) или дека работодавачите се „цвеќе за мирисање” и дека лесно е да се работи или да се вработиш во македонска фирма. Но, јас само сакам да прашам, дали некој од работоспособното население во Македонија ќе покаже со прст на себе и ќе почне кривицата да ја бара во себе?!

    • Ако нема работа, што прават цела младина по „кафулиња” по цел ден?!
    • Ако нема работа, зошто фирмите тешко може да најдат млади за пракса?! (па дури и оние што мораат да исполнат пракса поради обврска од факултетот, бараат познати фирми/сопственици кои ќе им потпишат дека наводно биле на пракса).
    • Ако нема работа, тогаш зошто голем број (од мое искуство и дружејќи се со многу) менаџери и сопственици, главен проблем во моментов им е да најдат добри кадри?!
    • Ако нема работа, зошто економијата ни е на толку ниско ниво!?

    Во овој период сме во потрага на барање луѓе за некои позиции. Во минатите неколку недели, 5 млади луѓе (кои патем немаат работа), на понудена работа нè одбија. Еден од нив дури и почна да работи и после 2 дена рече многу му се видело тешко и се откажа.

    Јас навистина не знам што се случува со младинава!? Ем се жалат дека нема работа, ем ништо не прават да го променат тоа. Повеќе сакаат да се жалат и да кукаат, и чекаат нивните родители да ги вработат или да влезат некаде преку партија, отколку сериозно да се фатат за работа и самите да ги изградат своите професионални вештини.

    Најголемиот проблем што сум го забележал јас кај младите е т.н. Дунинг-Кругер ефект (Dunning–Kruger effect – можете повеќе да прочитате на Интернет). Тоа е во суштина еден експеримент што го имаат правено овие двајца психолози, со цел да го испитаат односот помеѓу „самодоверба” во однос на „знаење – вештини” кај младите пред-дипломци. И, ефектот бил зачудувачки! Кај сите е изразено високо ниво на самодоверба, а кривата на вештини и знаења е под просекот. Тоа значи дека младите имаат развиено висока самодоверба, без некоја голема потпора за тоа. И сега, може да замислите каков е нивниот став и однесување кога ќе почнат да бараат работа или ќе се вработат.

    Ако сите работиме професионално и квалитетно, државната економија немаше да ни биде на ова ниво, туку ќе бевме Швајцарија. Мојот став е дека кај нас, ако отвориш „семкарница” и ако бизнисот го работиш како што треба може да станеш многу успешен. Или, ако постојано се трудиме и работиме на развивање на најважните карактеристики за еден професионалец, а тоа се: одговорност, компетентност, самоиницијативност, љубопитност за знаење, организираност, посветеност, деталност, етичност, колегијалност и развој на позитивен став (јас можам), сигурно нема да имате проблем со наоѓање на најдобрата работа или остварување на најдобрите резултати во која било област во вашата професионална кариера.

    Јас досега не сум сретнал сопственик којшто отпуштил вработен со одлични карактеристики и перформанси или не сум сретнал вработен кој поседува такви квалитети, а фирмите да не се борат да го украдат.

    Затоа ќе кажам дека клучот е кај вас/нас. Ако ние самите се трудиме секој ден да бидеме подобри од она што сме биле вчера, иднината за нас е сигурна.

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично