Тони Стојановски и официјално станува дел од раководниот тим на НЛБ банка. По оставката од Бранко Грегановиќ, тој е избор на Надзорниот одбор за нов претседател на Управниот обор на оваа, една од најголемите и најуспешни банки во државата.
„ПАРИ“ ЕКСКЛУЗИВНО: ВО КОЦКАРНИЦИТЕ И ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ НАРОДОТ ЛАНИ ОСТАВИЛ РЕЧИСИ 800 МИЛИОНИ Евра!
За промената во органите на управување, од НЛБ банка информираа преку Македонска берза:
„НЛБ Банка АД Скопје известува дека на ден 07.06.2024 година г-дин Бранко Грегановиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.
Воедно, НЛБ Банка АД Скопје известува дека Надзорниот одбор на банката со одлука донесена на 131-та седница, одржана на 10 Јуни 2024 година, го именуваше г-дин Тони Стојановски за нов претседател на Управниот одбор на банката, која одлука ќе влезе во сила по добивање на согласност од гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија“.
Исто така, во објавата се посочува дека сѐ до добивањето гувернерска согласност, Грегановиќ ќе ја извршува досегашната функција како прв претседател на Управниот одбор.
Има временско совпаѓање во поднесувањето на двете оставки, односно Стојановски ги напушти Управниот одбор и позицијата генерален директор за корпоративно банкарство на Стопанска банка Скопје три дена пред тоа да го стои Грегановиќ од НЛБ банка.
Стојановски е искусен банкар, магистер по економски науки од областа на монетарната економија, кој бил дел од тимот и на Народната банка како генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност. Исто така, тој е долгогодишен претседател на Одборот на директори на Македонска берза, каде што последен пат ја доби довербата од Собранието на акцонерите во април годинава. Освен тоа, потпретседател е на Македонската банкарска асоцијација.
„Почестен сум од довербата да бидам именуван за претседател на Управниот одбор на НЛБ банка Скопје. Ја прифаќам оваа улога со благодарност и уште поголема одговорност. Посветеноста на тимот на Банката кон напорна работа и колективната посветеност за постигнување врвни резултати, доволно зборува за потенцијалот што оваа Банка го има за да ги постигне своите цели и да ја исполни својата мисија, нагласил Стојановски по денешната седница на Надзорниот одбор.
Бранко Грегановиќ ја извршува функцијата претседател на Управниот одбор на НЛБ банка Скопје од јануари 2022 година. Под негово раководство на Банката постигнува одлични деловни резултати, а истовремено реализирани се и бројни општествено одговорни проекти со значајно влијание во заедницата.
„Промените се дел од процесот на развој и составен дел од растот на Банката. Драго ми е што можам да кажам дека НЛБ банка Скопје е добро подготвена да се соочи со идните предизвици. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на Тони за именувањето и да му посакам многу деловни успеси и лично задоволство во новата улога“, истакнал Грегановиќ по именувањето на новиот претседател на УО, информираат од Банката.