ПОВЕЌЕ

    ТИНЕЈЏЕРИТЕ ГО ВОЗВРАЌААТ УДАРОТ: Австралиската влада соочена со тужби поради забраната за социјални медиуми за лица под 16 години

    Време зa читање: 3 минути

    Двајца австралиски тинејџери поднесоа тужба против австралиската влада за да го оспорат новиот закон на земјата со кој се забранува пристап до платформите на социјалните медиуми на лицата под 16 години, тврдејќи дека тоа ги крши нивните уставни права.

    Од 10 декември, Австралија почнува со примена на досега најстрогиот закон во светот кој ќе ги спречи децата под 16 години да поседуваат или креираат налози на социјалните медиуми, а технолошките компании, кои се изјаснија дека се против забраната, сега сепак се борат да покажат дека можат да се придржуваат до новиот закон.

    Австралиската влада досега именуваше десет платформи што ќе бидат вклучени во забраната: Facebook, Instagram, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube, Reddit и платформите за стриминг Kick и Twitch

    Владата вели дека мерката е неопходна за да се заштитат децата од штетна онлајн содржина и алгоритми што создаваат зависност.

    Но, 15-годишниците Ноа Џонс и Мејси Нејланд, поддржани од Проектот за дигитална слобода (DFP), инсистираат дека забраната го гази правото на младите луѓе да комуницираат и да учествуваат во јавна дебата. „Не треба да бидеме замолчени. Се чувствува како нешто од Орвеловата „1984“ и тоа ме плаши“, рече Нејланд.

    Министерката за комуникации Аника Велс, одговарајќи откако тужбата стана јавна, рече дека владата ќе продолжи без оглед на опозицијата.

    Австралија е држава со најстроги закони за ограничување на пристапот на малолетни лица на социјални мрежи. Законот, донесен кон крајот на 2024 година, кој во изминатиов период беше влезен во постепена имплементација ги принудува платформите да започнат со гаснење на профилите на австралиските малолетни лица или да се соочат со казни од приближно 49,5 милиони австралиски долари за системско непочитување.  Австралиската Влада го оправдува драконскиот закон како мерка за јавно здравје.

    Критичарите тврдат дека забраната, дури и ако е правилно имплементирана, всушност нема да ја намали штетата врз децата преку интернет. Веб-страниците за запознавање и платформите за игри не се вклучени, ниту пак се чет-ботовите со вештачка интелигенција, кои неодамна се најдоа на насловните страници поради наводното охрабрување на децата да извршат самоубиство и поради водењето „сензуални“ разговори со малолетници.

    Други истакнуваат дека тинејџерите кои се потпираат на социјалните медиуми за заедница ќе бидат изолирани и тврдат дека едукацијата на децата за тоа како да се снајдат на социјалните медиуми би била поефикасна.

    (Фото: By Today Testing via Wikimedia Commons)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично