ПОВЕЌЕ

    ТЕТЕКС ЈА НАДМИНА ПЛАНИРАНАТА ДОБИВКА, приходите доминирани од недвижности

    Време зa читање: 3 минути

    Со остварена нето добивка од 66,3 милиони денари, Тетекс АД ја заокружи деловната 2025 година со позитивен финансиски резултат, кој не само што обезбедува континуитет на стабилното работење, туку и ги надминува планираните очекувања на компанијата.

    Според неревидираните податоци, компанијата остварила вкупни приходи од околу 304,3 милиони денари. Во нив, релативно помал удел имаат приходите од продажба на готови производи и услуги, кои изнесуваат 56,1 милиони денари и произлегуваат од редовните активности – кирии, услуги од царински терминал и продажба на материјали, производи и стоки. Многу поголемо учество имаат останатите оперативни приходи, кои достигнуваат 203,8 милиони денари, а се поврзани со продажба на недвижен имот, експропријација на земјиште и пренос на право на користење градежно земјиште.

    Дополнителен придонес во приходната страна имаат финансиските приходи во износ од 7,1 милиони денари, главно од камати на орочени средства, како и уделот во добивката од придруженото друштво ТТК Банка, кој изнесува 37,3 милиони денари и претставува значаен сегмент во вкупниот финансиски резултат.

    На расходната страна, вкупните трошоци достигнале 190,5 милиони денари, што е благо намалување во однос на претходната година кога изнесувале 192,4 милиони денари. Расходите се однесуваат на трошоци за материјали, набавна вредност на продадени производи, трошоци за вработени, како и вредносно усогласување на залихите и активности поврзани со пренос на право на користење земјиште. Во текот на годината е забележано и намалување на залихите на готови производи за 41,1 милион денари, што е резултат на продажба и нивно вредносно усогласување.

    Добивката пред оданочување изнесува 72,7 милиони денари, додека по оданочување компанијата остварила нето добивка од 66,3 милиони денари. Овој резултат е за 2,4 проценти повисок од планираниот, што укажува на успешно управување во услови на променливо деловно опкружување.

    Во текот на годината, Тетекс ја сервисираше и својата дивидендска политика, при што на акционерите им беше исплатена дивиденда во вкупен износ од 21,6 милиони денари, односно 55,56 денари бруто по акција. Воедно, на крајот од годината компанијата има краткорочни кредитни обврски во износ од 46,5 милиони денари.

    Постигнатите резултати покажуваат дека компанијата успешно ја прилагодува својата стратегија, со фокус на оптимално искористување на постојните капацитети – како недвижниот и движниот имот, така и залихите и другите ресурси. Ваквиот пристап овозможува генерирање на приходи и одржување на позитивен финансиски тренд, дури и во услови на ограничена производствена активност.

    Со ваква структура на приходи и стабилизирани расходи, Тетекс ја потврдува својата способност да обезбеди одржливо работење и постепен раст на профитабилноста.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично