ПОВЕЌЕ

    Технологијата не може да ги потисне луѓето од работниот процес

    Време зa читање: 4 минути

    Бизнисите многу вложуваат во напредните технологии и се случува да ги запостават вработените. Сепак, луѓето се носители на промените и развојот на технологијата не може да ги потисне од работниот процес, туку неопходно е да ги прошируваат знаењата и вештините. Компаниите сè повеќе се насочуваат кон организациска култура, развој на вработените и квалитетна работна средина, наместо исклучиво кон платите. Овие согледувања произлегоа од панелот насловен „Предизвици на пазарот на труд – талент, технологија, трансформација“ што се одржа во рамките на конференцијата The Economist MeetUp: The World Ahead 2026. Притоа се отворија клучните прашања за иднината на пазарот на трудот од аспект на предизвиците присутни во Македонија, поврзани со недостигот на кадар, технолошките промени и зголемените очекувања на вработените.

    Од производствениот сектор, Владимир Стефановски, плант менаџер на Kiel Македонија, истакна дека и покрај технолошкиот напредок, луѓето остануваат клучен фактор. Особено во работно-интензивните процеси, поради што вложувањето во вештини и квалификации е неопходно за одржлив пазар на трудот.

    Говорејќи од аспект на финансиските институции, директорот за развој и иновации на Diners Македонија, Тони Јанковски, нагласи дека довербата, сигурноста и сајбер-безбедноста започнуваат од вработените. Довербата во луѓето директно се одразува на довербата на клиентите.

    Компаниите често инвестираат во технологии, посочи Павле Зимбаков од Know How Training Provider. Паралелно со тоа го занемаруваат човечкиот фактор, што негативно влијае врз мотивацијата, особено во средини со мешани генерации. Затоа, од особена важност е вработените да бидат слушнати.

    Во своето излагање Ведран Бајер од Wonderful истакна дека во ерата на вештачката интелигенција промените се експоненцијални, а долгорочното планирање веќе не е одржливо. Според него, луѓето се основата на секоја трансформација, генеративната АИ е алатка, а вистинската вредност доаѓа од специфични и локализирани решенија, со фокус на учење и адаптација.

    Оааа дискусија ја отвори темата за градење одржлив бизнис во услови на брзи промени и зголемени ризици. Разговорот се фокусираше на улогата на луѓето, довербата, транспарентноста и сајбер-безбедноста како клучни фактори за успех во ерата на вештачката интелигенција.

    Компаниите мора постојано да еволуираат за да останат чекор пред новите закани, истакнувајќи дека инвестирањето во знаење и развој на вработените е клучно за иднината. „Во 2026 година Касис одбележува 25 години постоење, а растот го темелиме на стабилност, доверба и континуирано вложување во луѓето и безбедноста“, изјави извршната директорка на Касис, Филомена Пљаковска Аспровска,.

    Во разговорот со Иван Ивановски од Prime Capital беше отворена темата за инвестирање во услови на неизвесност, со фокус на АИ, пазарните евалуации и важноста на долгорочната стратегија. Пораката беше дека знаењето и финансиската писменост се клучни за носење одржливи инвестициски одлуки.

    Крајот на вториот панел го заокружи разговорот со Драган Филиповиќ, извршен директор на Generali осигурување Србија, кој ја истакна улогата на осигурувањето како клучен стабилизатор во време на економска и геополитичка неизвесност.

    „Осигурувањето е амортизер на кризите – со мала премија може да спречат сериозни финансиски последици и да се обезбеди стабилност“, истакна Филиповиќ.

    Разговорот со Немања Мариновиќ, CEO на ArcelorMittal Projects Balkan ја насочи дискусијата кон долгорочната инфраструктурна и економска иднина на регионот.  Мариновиќ се осврна на деиндустријализацијата во Европа, улогата на рециклирачкиот челик и значењето на клучната, но често невидлива инфраструктура, посочувајќи ги и предизвиците како доцнења, недостиг на кадар и перцепција за корупција. Тој нагласи дека стратегијата на ArcelorMittal е фокусирана на квалитет и техничка супериорност, со порака дека промените треба да се гледаат како можност, а не како пречка.

    Конференцијата заврши со интервју со Саша Поповиќ, генерален директор на Vega IT, кој понуди поширок поглед на улогата на технологијата и луѓето во современиот бизнис развој. Во фокусот беше градење на глобален бизнис од првиот ден, диверзификацијата по пазари и индустрии, и стратешката примена на вештачката интелигенција како можност за раст, а не како закана.

    Посебно беше истакнат партнерскиот модел на Vega IT, преку кој вработените стануваат ко-сопственици и активно учествуваат во градењето на компанијата. Интервјуто ја заокружи конференцијата со јасна порака за важноста на долгорочното размислување, инвестирањето во талент и создавањето силна организациска култура, способна да се справи со кризи токму преку знаење, ширина и заедништво.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично