Договор за нова инвестиција од 205 милиони евра ќе потпише директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, со тајванската компанија „Јагео.
Ова е најголемата гринфилд инвестиција во земјава од осамостојувањето, која ќе отвори околу четири илјади работни места. Како што известува МИА, производствените погони на „Јагео“ ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје и во ТИРЗ Штип.
Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на компанијата. Предвидено е поздравни обраќања да имаат директорот Деспотовски и претставник на компанијата, а потоа, преку видео-конференциска врска, се очекува да се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.
Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.
Компанијата е основана во 1977 година и денес се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електрониката за широка потрошувачка (5G и телекомуникации). Има 29 продажни канцеларии, 49 производствени локации и 20 центри за истражување и развој во 24 држави во Азија, Европа и САД, а брои 40.000 вработени.
На Тајванската берза котира од 1993 година.