
Светот се движи кон сериозен недостиг на бакар, кој може да прерасне во „системски ризик“ за глобалниот економски раст, предупредува S&P Global. Причината е двојна: забрзаната енергетска транзиција и експлозивниот раст на побарувачката од секторот за вештачка интелигенција, кои заедно вршат огромен притисок врз снабдувањето со овој клучен метал.
Според новиот извештај на S&P Global, глобалниот дефицит на бакар би можел да достигне дури 10 милиони тони до 2040 година, количина што одговара на речиси една третина од денешната светска побарувачка. Тоа сценарио е веројатно доколку не дојде до „значајно проширување на понудата“, се наведува во анализата. Компанијата предупредува дека таквиот недостиг би имал далекусежни последици врз индустријата, технолошкиот напредок и економскиот раст во глобални рамки.
Бакарот, често нарекуван крвоток на електрификацијата, е неопходен за изградба на електрични мрежи, обновливи извори на енергија, електрични возила, но и за сè побројните центри за податоци што ја поддржуваат вештачката интелигенција. Токму затоа, аналитичарите предупредуваат дека сериозен недостиг на бакар би можел директно да го загрози развојот и на зелената транзиција и на AI-секторот.
„Бакарот е клучен овозможувач на електрификацијата, но забрзувањето на тој процес станува сè поголем предизвик за самото снабдување со бакар“, изјави Daniel Yergin, потпретседател на S&P Global и копретседател на студијата. „Прашањето е дали бакарот ќе продолжи да биде двигател на напредокот или ќе стане тесно грло што ќе го забави растот и иновациите“, додаде тој.
Загриженоста околу понудата веќе се рефлектира на пазарите. Цената на бакарот скокна од нешто над 8.000 долари за тон во април на повеќе од 13.000 долари, поттикната од стравувањата за прекини во производството во големите рудници, но и од геополитички фактори како царините. Истовремено, и другите метали бележат силен раст – златото и среброто неодамна достигнаа рекордни нивоа, додека никелот порасна за повеќе од 25 проценти од средината на декември.
Според сегашните трендови, глобалното производство на бакар се очекува да го достигне својот врв околу 2030 година, а потоа постепено да опаѓа, дури и додека побарувачката продолжува да расте. Голем дел од постојните рудници стареат и стануваат сè помалку продуктивни, а отворањето нови рударски капацитети бара години, па дури и децении, како и огромни инвестиции.
Во исто време, побарувачката за бакар се очекува драматично да порасне. S&P Global проценува дека глобалната потрошувачка ќе се зголеми од околу 28 милиони тони минатата година на 42 милиони тони до 2040 година. Азија ќе учествува со околу 60 проценти од тој раст, поттикната од брзото ширење на електричните возила и масовните инвестиции во електричната мрежа и обновливите извори на енергија.
Особено брзо расте и побарувачката од секторот за центри за податоци, вклучително и оние поврзани со вештачка интелигенција и роботика. Таа би можела да порасне од околу 1,1 милион тони во 2025 година на 2,5 милиони тони до 2040 година. „Пристапот до бакар е клучен за подемот на вештачката интелигенција и за изградбата на инфраструктурата што ја поддржува“, се наведува во извештајот.
Како што AI сè повеќе се смета за прашање на национална безбедност, особено во САД и Кина, конкуренцијата за ресурси дополнително ќе се заострува. „Ќе биде апсолутен услов овие земји да можат да инвестираат во електрификација и во бакарот неопходен за одржување на тоа снабдување“, изјави Карлос Пасквал, виш потпретседател за геополитика и меѓународни работи во S&P Global Energy.
Иако продолжените недостиг на суровини обично се ретки – бидејќи високите цени ја намалуваат побарувачката или поттикнуваат замени и ново производство – во случајот со бакарот ситуацијата е посложена. Дури и со раст на рециклирањето, кое би можело да придонесе со околу 10 милиони тони до 2040 година, јазот меѓу понудата и побарувачката останува значителен.
За да се ублажи кризата, ќе биде потребен координиран глобален напор за зголемување на рударското производство – од околу 23 милиони тони во 2025 година на најмалку 32 милиони тони до 2040 година, наведува S&P Global. Без такви мерки, бакарот би можел да стане една од клучните пречки за енергетската транзиција и технолошкиот напредок во наредните децении.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








