На денешен ден во 1873 била пуштена македонската делница на трансбалканската линија Виена – Солун, а 151 година подоцна Железници на Република Северна Македонија се заглавени на ќор колосек. Претпријатието поделено во два сегмента – Транспорт и Инфраструктура, има сериозни проблеми – нема локомотиви, возови, се укинуваат линии, падови има и во патничкиот и во товарниот сообраќај, а товарот од задолженоста е поголем од сто милиони евра. Сето тоа во време кога во светот не само што сообраќаат супер брзи возови, туку и се конструираат нови кои „лебдат“ над шините, базирани на магнетна левитација.
Пари со години недостасуваат, па помошта постојано доаѓа од државната каса, со цел некако да опстои железничкиот сообраќај. Само минатата година двете компании биле поткрепени со над 30 милиони евра, од кои повеќе од пет милиони се дадени на Инфраструктура, а поголемиот дел на Транспорт, во два наврати, прво речиси 10,4 милиони евра, а потоа уште 15,7 милиони со емисија на акции, издадена за познат купувач, односно за Владата.
Уште од 2021 година нема железнички сообраќај кон Кочани и Кичево. Возовите одат до Велес, Гевгелија и Битола. Патувањето може да се одолжи поради честите дефекти. Одвреме навреме има и прекини, поттикнати од незадоволството на машиновозачите кои реагираат на задоцнетата исплата на платите. Таков каков што е, сообраќајот е локален. Меѓународна поврзаност – нема.
А на веб-страницата од МЖ-Транспорт пишува: „со вкупно 699 км пруга, Македонските железници Транспорт АД – Скопје поседува 1.525 товарни вагони, 75 патнички вагони, 40 дизел и 16 електро локомотиви“, а во „возниот парк има 11 дизел моторни возови и 4 електромоторни возови“.
Во МЖ-Транспорт платата ја заработуваат 941 лице: седуммина се во менаџерскиот тим, 191 во дирекцијата, 450 во влеча на возови, 175 во товарниот и 118 во патничкиот собраќај.
Од извештајот, пак, на МЖ–Инфраструктура за последниот кавртал од минатата година е наведено дека е остварена загуба од 96,99 милиони денари или над 1,6 милиони евра. Помалку во однос на минусот од 2022 – од над 2,3 милиони евра.
Исто така, тука е забележан податокот дека лани биле реализирани 119,58 илјади возни километри во патничкиот сообраќај. За споредба, во 2022 биле извозени 219,04 илјади километри.
Намалување од 126,29 илјади километри (2022) на 36,49 илјади километри има и во товарниот сообраќај.
Тоа е и причината за скоро преполовените вкупни приходи во однос на 2022. Станува збор за износ од 334,48 милиони денари, кои се намалени за 47,62 отсто. Приливите од продажбата се пониски за 47,19% и изнесуваат 58,76 милиони денари. Од МЖ–Инфраструктура посочуваат дека тое е резултат на намалените приходи од надоместот за користење на железничката инфраструктура, кои се помали за 51,64% и изнесуваат 45,09 милиони денари. Таквиот исход, пак, се должи на „драстично намалениот обем во товарниот и во патничкиот сообраќај“.
Во овој сегмент од Македонски железници во 2023 работно биле ангажирани 795 лица, а една година претходно нивниот број бил 837. Без оглед на редукцијата, лани трошоците за вработените се зголемиле за 3,35 проценти и изнесувале 135,08 милиони денари или близу 2,2 милиони евра.
И покрај актуелните и долготрајни состојби, се реализира инвестиција за изградба на пругата кон Бугарија, при што за првите две фази се потребни околу 200 милиони евра. Работите треба да завршат до 2030, а поврзувањето на овој потег е тема од осамостојувањето па наваму, или веќе 33 години.
Исто така, минатата година беше потпишан меморандум со Србија, за изградба на брза железница од Ниш до Скопје. Но, и тоа се чини како невозможна мисија. За преструктуирање на Македонски железници многу се зборува, а во тој контекст се укажува на потребата од либерализација на железничкиот сообраќај во државата.
На тоа денес потсети и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. Според него, либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите и за проширување на железничката мрежа. Со тоа ќе се золемат ефикасноста и ефективноста на овој вид сообраќај. „Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности“, нагласи тој на денешната свеченост, воедно порачувајќи им на вработените дека не треба да се грижат за работните места.