ПОВЕЌЕ

    СТРУМИЦА – ЕКОНОМСКИ МОТОР НА ЈУГОИСТОКОТ: 600 милиони евра приходи и експлозија на платите

    Време зa читање: 7 минути

    Струмица, град во југоисточниот дел од Македонија, според пописот од 2021 година има 33.825 жители и според тоа е најголем град во Југоисточниот Регион и деветти најголем град во Македонија. Струмица е одамна позната по полните ниви и зеленчуковите култури, а денес е силен бизнис-центар во кој доминираат компании од секторите изградба на станбени и нестанбени згради, производство и преработка на храна, товарен транспорт, трговија и производство со текстил. Тоа е комбинација што создава диверзифициран локален екосистем и ја претвора општината во економски мотор на Југоистокот.

    Анализата на десетте водечки компании по клучни перформанси што ја направи порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа покажува силна експанзија на приходите, дел од добивките се со изразен раст, а кај дел се воочува пад или стагнација, стабилна вработеност и остар подем на прикажаните просечни плати.

    Во 2024 година, десетте најголеми компании во Струмица оствариле вкупен приход од 609,5 милиони евра, што е значителен раст од 72,9 насто во однос на 2023 година, кога изнесувал 352,5 милиони евра. Добивката, пак, достигнува 21,7 милиони евра, што е 13,5 насто помалку од претходната година. Бројот на вработени останува стабилен – 2.822 лица наспроти 2.806 во 2023 година, што претставува благ пораст од 0,6 насто. Најдинамичен е растот кај платите, каде вкупната сума на прикажаните просечни плати во овие компании се искачува на 19.521 евра, во однос на 8.529 евра лани – што значи впечатлив пораст од 129 насто, поттикнат главно од значителни корекции во компании со ниска почетна основа или променет платен модел.

    МИЛИОНСКИ ПРИХОДИ ВО СТРУМИЦА

    Трите компании со највисоки приходи во 2024 година во Струмица доаѓаат токму од секторот трговија и производство со текстил. Прва на листата е Диамант Текстил со 181,2 милиони евра и е далеку пред сите останати компании. Потоа следи Нетком Плус со 78,7 милиони евра, а на третата позиција е Минтикос Текстил со остварен промет од 67,4 милиони евра, кои заедно го држат врвот.

    Но, ако врвот по големина го држат три компании од текстилот, најголемата динамика во растот на приходите во однос на 2023 година доаѓа од сосем друг сегмент, од компанија којашто се занимава со товарен патен транспорт. Токму тука доминира Сакаов Транс, кој бележи спектакуларен пораст од 225,44 насто, што го прави апсолутен шампион по раст. Зад него се Дианита со 210,80 насто и Камилком СР со 195,48 насто.

    Интересен контраст создава долниот дел од листата. Последните четири компании бележат пад на приходите во однос на 2023 година. Станува збор за деловни субјекти коишто работат во секторите: трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи, изградба на станбени и нестанбени згради, изградба на други објекти од нискоградба, и производство на друг технички и индустриски текстил, каде што падот на прометот се движи од 3 насто до 13 насто.

    Топ 10 компании по приходи во Струмица

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОФИТОТ МЕЃУ ПАДОВИ И РАСТ

    Листата на најпрофитни компании во Струмица изгледа како вистинска шаховска табла. Дел од фирмите бележат силни падови, а дел имаат експлозивен раст, па вкупната добивка на топ десетте компании се намалува од 25,1 милион евра во 2023 година на 21,7 милиони евра во 2024 година, што е пад од 13,5 насто.

    На врвот по остварена добивка е Крмзов-МР, со 4,1 милион евра профит во 2024 година, но со намалување од 55,67 насто во однос на 2023 година, кога добивката изнесувала 9,2 милиони евра. Зад неа следи Жикол, кој остварува 3,3 милиони евра добивка и притоа бележи раст од 34,34 насто. И двете компании работат во дејноста изградба на станбени и нестанбени згради.

    Третата компанија гради објекти од нискоградба, а тоа е Сим Инженеринг со 2,8 милиони евра добивка, но со значителен пад од 43,35 насто во однос на лани.

    Посебно интересна група се компаниите со силен раст на добивката. Макс ја зголемува добивката на 2,5 милиони евра, што претставува раст од 52,72 насто, додека Црвена Ружа скока на 2,3 милиони евра со раст од 74,64 насто.

    Најголем впечаток остава резултатот на Тотал Инженеринг, кој со добивка од 1,2 милиони евра и раст од 531,75 насто се вбројува меѓу ѕвездите на скокот ‒ од скромна база во 2023 година до многу посериозна профитна позиција во 2024 година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    СТАБИЛНА РАБОТНА СИЛА ВО ДЕСЕТТЕ КОМПАНИИ

    Десетте водечки работодавачи вкупно имаат 2.822 вработени, што е благо зголемување во споредба со 2023 година, кога бројката изнесувала 2.806 лица. Растот е 0,6 насто.

    Апсолутен лидер по број на вработени е Адиент Аутомотив, со импресивни 1.631 вработен во 2024 година.

    Зад неа следи Жикол со 376 вработени. На третата позиција е Комуналец, чиј кадар брои 337 лица.

    Повеќето останати компании имаат работна сила во распон од 100 до 195 вработени.

    Интересно е што седум од десетте компании бележат раст на бројот на вработени, што укажува на поширок позитивен тренд на локалниот пазар на труд.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ДОСТИГНУВА ДО 6 ИЛЈАДИ ЕВРА

    Врз основа на податоците, јасно се гледа дека ниту една од компаниите со највисоки прикажани просечни плати не се појавува меѓу најголемите по приход или по добивка, ниту пак по вработени, што укажува дека тука главно влегуваат мали, специјализирани фирми со мошне специфичен кадар и со значајни промени во структурата на вработените. Гледајќи ги годишните движења, може да се заклучи дека просечните месечни примања се во тренд на изразен подем, а впечатливи се и апсолутните износи.

    Најдраматични растови се забележуваат кај четири компании: Монтес увоз-извоз, Вамико Бет, СП Про Солушан и ХР Профешонал Сервис. Кај сите нив просечните плати во 2024 година се повеќекратно повисоки од платите во 2023 година, а причината кај три од нив е директно поврзана со намалување на бројот на вработените.

    Монтес увоз-извоз има само двајца вработени и во 2023 и во 2024 година, а бележи раст на платите од 1.203,49 насто, од 465 евра во 2023 година на 6.065 евра во 2024 година.

    Вамико Бет бележи раст на платите од 1.358,28 насто. Во 2023 година оваа компанија има на располагање 22 лица коишто земале плата 159 евра, а лани бројот на вработени се намалува на 5 лица, и воедно просечната плата се зголемува на 2.325 евра.

    Истата динамика се гледа кај СП Про Солушан, кој од пет вработени останува со еден, кој зема плата од 1.632 евра, зголемување за 495 насто.

    На истиот пат е и ХР Профешонал Сервис, кој од седум вработени исто така паѓа на еден, а платата се зголемува од 187 евра на 1.335 евра во 2024 година.

    Кога тимот се сведува на толку мал број, просечната плата ја губи својата репрезентативност и станува резултат на индивидуални, често високи исплати, типични за раководни или високоспецијализирани позиции.

    Токму поради ова, листата на највисоки плати во Струмица изгледа сосем различно од листите по приход и добивка. И покрај силната активност, прометите и профитабилноста, големите компании не се појавуваат тука, додека микрокомпаниите со еден до неколку вработени ги водат статистиките со највисоки износи.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично